мај 18, 2024

Охрид, 18. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Македонско научно здружение за аутизам (МНЗА), денеска во Охрид се одржа трибина на тема „Aутизмот во Македонија – ‘лет во место’ или прогрес?“.

– Драго ми е што имам можност да се обратам на оваа трибина, посветена на една многу значајна тема. Денеска, сме овде со една цел, да дадеме јавна поддршка на лицата со аутизам и нивните семејства и да зборуваме гласно, како ние, како општество, можеме да направиме позитивни промени во нивниот живот. Лицата со аутизам и нивните семејства се соочуваат со низа предизвици. Многу е важно да ги разбереме нивните потреби и да обезбедиме соодветна помош. Пред сè, неопходно е да ја подигнеме свесноста за аутизмот. Многу луѓе сè уште имаат предрасуди или недоволно разбирање за тоа што значи да се живее со аутизам. Образованието и информирањето на јавноста се од особено значење, па поради тоа потребно е да се организираат едукативни кампањи, работилници и вакви настани, кои ќе ги едуцираат граѓаните за тоа како да ги разберат и поддржат лицата со аутизам. Исто така, институциите мора да обезбедат соодветни услови, а тоа вклучува пристап до психолози, логопеди и други професионалци кои можат да помогнат во развојот и рехабилитацијата на лицата со аутизам. Секако тука не смееме да ја заборавиме и поддршката за семејствата во нивното секојдневие. Би сакал да споменам дека Општина Охрид има преземено значајни чекори во насока на подобрување на условите во нашата средина. Даваме поддршка на Центарот за аутизам „Мојот свет”, а исто така обезбедуваме и ангажирање на образовни асистенти во училиштата. Како дел од програмата за образование и социјална заштита обезбедуваме и стипендии за ученици и студенти со посебни потреби и ретки болести, помеѓу кои се опфатени и лицата со аутизам. Се надевам дека оваа поддршка ќе биде уште поголема во иднина. Упатувам благодарност до Македонското научно здружение за аутизам МНЗА за организацијата на оваа трибина и на сите вас кои имате одреден придонес во вакви активности и проекти. Верувам дека само преку заедничка соработка можеме да обезбедиме поддршка и разбирање за лицата со аутизам и нивните семејства. Само со заеднички напори можеме да изградиме инклузивно општество, кое ги прифаќа и вреднува сите свои членови, истакна во името на Локалната самоуправа заменик градоначалникот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

За моменталната состојба со аутизмот во Македонија на трибината говореше проф. д-р Владимир Трајкоски, професор на Институтот за дефектологија на Филозофскиот факултет при УКИМ и претседател на Македонското научно здружение за аутизам, а Валентина Павловска Златановска го сподели искуството и лавиринтите низ кои поминала како родител на дете со аутизам.

Модератор на трибината беше Александра Сабрас Апостолова, дефектолог во Општа болница Охрид, со долгогодишно работно искуство на полето на проблематиката со аутизмот.

– Од моето искуство, 18 години работам со оваа проблематика, расте бројот на деца со аутизам, немаме регистар, нема точна дијагноза, ги ставаат во друга категорија состојби. Нема систем на поврзаност, овие деца не се рано откриени, дијагностицирани, родителите лутаат низ други институции и потоа се губат и тоа е голем проблем. Проблем станува и кога ќе одат кај матичните лекари или во училиште, тие деца мора да се вклучат, има асистенти што им се дадени на децата. Треба повеќе реформи во образованието да се направат или посебни програми да се искористи потенцијалот на тие деца, да не е траума за детето, родителите, семејството, вели Апостолова. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука