март 8, 2022

Охрид, 8. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува трендот на намалување на бројките на лица заболени од Covid-19. Во Охрид изминативе седум дена се регистрирани 43 новозаболени лица.

Во истиот период оздравеа 52, а починаа 3 лица. Во денешниот извештај на министерството за здравство во Охрид се регистрирани едно новозаболено и четири оздравени лица. Според епидемиолошките извештаи од почетокот на ковид пандемијата во градов се регистрирани 8.542 заболени.

Колку за споредба, во јануари оваа година беше регистрирана рекордна бројка на новозаболени за период од еден месец, од почетокот на ковид пандемијата, дури 1.107, а имаше и голем број на амбулантски случаи, што на дневна основа достигнуваа и до 160 прегледи. Минатиот месец беа регистрирани 601 нови случаи, 731 оздравени пациенти, а 25 починаа како последица на компликации предизвикани од вирусот.

Се смирува четвртиот ковид бран, па надлежните очекуваат стабилизација на епидемиолошката ситуација во државата. Се очекува Владата да се произнесе по прелозите на Комисијата за заразни болести во однос на продолжување на важноста на сетификатот за прележан Covid-19, од 45 на 180 дена, бремените жени да се вратат на работа, слободен излез од државава, без поседување на PCR тест, потврда за прележан ковид, или сертификат за вакцинација, а без сертификат да се влегува во шопинг моловите, но не и во угостителските објекти што работат во нив. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука