мај 22, 2023

Белчишта, 22. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со посета на уникатното природно живеалиште, Белчишко блато денеска се одбележа Денот на „Натура 2000“, најголемата мрежа на заштитени области во светот, која покрива една петина од територијата на Европа и Светскиот Ден на биолошката разновидност кој има за цел да го зголеми разбирањето и свеста за важноста на биолошката разновидност за опстанокот на планетата, а годинава се одбележува под мотото „Од договор до акција: Да се обнови биолошката разновидност“.

Преку Министерството за животна средина и просторно планирање во тек е постапка за прогласување на блатото за заштитено подрачје од категорија Парк на природата. Заложбите се да се обезбеди заштитен статус на блатото, но истовремено да се обезбеди негово одржливо користење и истото да прерасне во високо рангирана еко-туристичка дестинација.

– Кон едукативната обиколка се приклучија министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, шефот на Делегацијата на Европската Унија Дејвид Гир, градоначалникот на општина Дебрца Зоран Ногачевски, претставници на граѓанските здруженија МЕД и Екотуризам, како и ученици на средното училиште „Св. Климент Охридски“ од Охрид, информираат од Министерство за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.

Белчишко Блато е идентификувано како потенцијално „Натура 2000“ подрачје. Тоа е мочуриште кое се наоѓа во општина Дебрца во подножјето на Илинска планина, на надморска височина од околу 760 m. Ова добро зачувано мочуриште, со поплавени шуми и влажни пасишта, е едно од најважните во земјава. Специфично е поради различните типови на мочуришни живеалишта, особено поплавената евелова шума. Во него живеат многу видови кои е неопходно да се заштитат. Па така на пример, тука живеат 85 видови птици (или 27% од вкупниот број видови во земјава), 224 растителни видови, како и 33 видови цицачи (или 37% од вкупниот број во земјата), меѓу кои и видрата. Белчишко Блато е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од 10 видливи карстни извори, познати како „Сини Вирови“, вистински бисер на природата.

Настанот беше организиран од страна на проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“, каде корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува НИРАС со партнерите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: МЖСПП

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука