мај 19, 2024

Охрид/Струга, 19. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започнаа подготовките за прегласување, откако Државната изборна комисија (ДИК) вчера, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето на 7. избирачки места, меѓу кои по едно во Охрид и Струга.

Во Изборната единица (ИЕ) пет на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино.

Гласањето ќе се одржи во среда на 22-ри мај 2024 година.

Избирачкото место 1272 се наоѓа во склоп на ООУ „Христо Узунов“, на улицата „Питу Гули“ број 128 во Охрид. На ова избирачко место има вкупно 711 избирачи, од кои на парламентарните избори кои се одржаа на 8-ми мај 2024 година гласаа 433, односно 60,90% од избирачкото тело.

Избирачкото место 1844 се наоѓа во склоп на ООУ „Јосип Броз Тито“, на улицата „Димче Ковачески“ број 64 во Струга. На ова избирачко место има вкупно 753 избирачи, од кои на парламентарните избори кои се одржаа на 8-ми мај 2024 година гласаа 489, односно 64,94% од избирачкото тело.

ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.

Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.

Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник на полноќ. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови. Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии. ДИК, претходно, во рамки на седницата, ги соопшти освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука