април 2, 2018

Скопје/Охрид, 2. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Плаќаме превоз, купуваме хартија, хамери, фломастери, лепила, бои, плаќаме печатење во боја, награди за ученици… Верувам дека и многу други колеги го прават истото со идеја дека го менуваат општеството на подобро! Нема интернет, нема компјутери, нема ништо, вели наставничка од македонско основно училиште за порталот fakulteti.mk.

Наставници се жалат дека со месеци, а некаде и со години не можат да реализираат настава според ИКТ-програмата зашто немаат интернет во училиштата, па затоа добар дел од обврските ги завршуваат дома. Од Министерството за образование и наука, кое го обезбедува интернетот, се согласуваат дека има недостатоци во обезбедувањето на интернетот и дека наскоро тоа ќе бидат надминато.

– Немаме интернет на работа, а обврската да пишуваме електронски дневник си останува. Тоа го правиме по часовите дома, истакнала за порталот наставничка од Охрид. Нејзина колешка од прилепско училиште дополнува дека проблемот со интернетот не е само во пополнувањето на е-дневникот, туку и во неможноста за нормално изведување на наставата.

Минатата недела министерката Рената Дескоска најави дека ќе се олеснува пополнувањето на е-дневниците.

uceniciНаписот на колегите од fakulteti.mk фрла сосема реално светло врз дел од проблемите со кои се сретнуваат просветните работници во Република Македонија. Охрид секако не е надвор од овие текови и вработените во образованието секојдневно балансираат помеѓу условите за работа, желбата за да им се даде соодветно образование на најмладите, но и партиските и бизнис притисоците.

Супер радио и OhridPress веќе подолго време работат на оваа тема и се прави напор да се таргетираат најголемите проблеми во оваа исклучително важна област, која е вистинската основа за градење на секое здраво општество.

Со оглед на староста на објектите во кои во најголем дел се изведува наставата, кај најголем дел од училиштата во Охрид како најголеми проблеми се јавуваат санацијата на покривите (на дел уште има стари азбестни покриви), поставување на фасади, молерисување, менување на прозорци и врати во училниците, менување на подовите и сл.

Дел од останатите проблеми со кои се соочуваат училиштата се менување на санитариите, кои во дел од училиштата се навистина во лоша состојба, средување на дворовите, спортските сали, системите за ладење и греење во училниците, инвентарот, немање простор за слободни активности на учениците, збогатување на книжниот фонд во библиотеките, немањето на доволен број наставници, обуките и доусовршувањето на наставниот кадар, немањето соодветна и модерна опрема за изведување на наставата и сл. (Крај)

извор: fakulteti.mK/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука