мај 31, 2021

Охрид, 31. мај 2021 (ОХРИДПРЕС) – Следниов месец започнува уписот на полуматурантите во средните училишта. Ќе има три пријавувања, почнувајќи од 14-ти јуни.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, поточно на 23 август, за што ќе достават доказна документација.

Согласно објавениот конкурс за упис во средните училишта во учебната 2021/2022 година, во четирите средношколски центри во Охрид ќе може да се запишат 942 полуматуранти.

Во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ слободни има 272 места за идните средношколци. Во економското училиште „Свети Кирил и Методиј“ можат да се запишат 136 ученици од кои 102 во економско-правната и трговска струка и 34 во здравствената струка.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ има 280 слободни места, во 9 паралелки, според наставните планови и програми за машинска, електротехничка, сообраќајна струка и лични услуги.

Во ОУТУ „Ванчо Питошески“ во прва година може да се запишат 254 ученици во 8 паралелки и тоа во угостителско- туристичка и хемиско-технолошка струка.

Можно е да е слика од еден или повеќемина, луѓе кои стојат, храна, внатре и надвор

Годинава фокусот е ставен на стручното образование за кое министерството за образование и наука со поддршка од проектот „Образование за вработување во Македонија“ и Швајцарската агенција за развој и соработка ја спроведе кампањата „Учи паметно, работи стручно“ за да се утврдат потребите од занимања/струки на пазарот на трудот и во консултации со училиштата, локалните самоуправи и компаниите да се договори уписната политика и да се отворат паралелки за одредени профили во секоја од општините.

Младите од Охрид и околните општини можат да направат добар избор на средно образование, бидејќи од четири средни училишта, три нудат стручна едукација, односно паралелки за профили во повеќе различни струки кои се барани на пазарот на трудот.

За прв пат годинава на секој средношколец запишан во дуална паралелка, доколку ги исполни конкурсните услови, ќе му се додели месечна стипендија во износ од 3.500 денари. 200 стипендии во износ од 2.200 денари месечно за девет месеци во годината ќе им бидат доделени на ученици кои ќе се запишат во прва година во дефицитарните струки, како електротехничката, машинската, угостителско-туристичката, градежно-геодетската, земјоделско-ветеринарната и текстилно-кожарската струка. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука