март 29, 2024

Охрид, 29. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за образование и наука го објави конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2024/2025 година.

Согласно објавениот конкурс во четирите средношколски центри во Охрид ќе може да се запишат 851 полуматурант.

Во Општинското средно училиште „Свети Климент Охридски“ слободни има 272 места за идните средношколци, во гимназиско образование, впрочем идентично како и изминатите години.

Во економското училиште „Свети Кирил и Методиј“ ќе може да се запишат 152 ученици од кои 118 во економско-правната и трговска струка и 34 во здравствената струка.

Во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ има 277 слободни места, во 10 паралелки, според наставните планови и програми за машинска, електротехничка, сообраќајна струка и лични услуги.

Во РЦСОО „Ванчо Питошески“ во прва година може да се запишат 150 ученици, што е намалување во споредба со уписите за тековната учебна година. Учениците ќе бидат поделени во 6 паралелки во угостителско- туристичка струка.

Охридските полуматуранти при уписите за тековната учебна година беа позаинтересирани школувањето да го продолжат во стручните училишта отколку во гимназија.

Пријавувањето на учениците ќе биде електронско преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку нивните кориснички сметки на Schools.mk.

Во јунскиот уписен рок има две електронски пријавувања – првото ќе биде од 20ти до 25-ти јуни, кога ќе се доставува и потребната документација до училиштата. Конечната ранг-листа од првото пријавување ќе биде на 26-ти јуни.

Второто електронско пријавување ќе биде на 1-ви и 2-ри јули кога воедно ќе се доставуваат и документите до училиштата, а конечната ранг листа со резултатите од запишувањето и слободните места секое училиште ќе ја објави на 3-ти јули.

Учениците кои се упатени на поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места после уписниот рок со две пријавувања. Пријавување на учениците ќе се врши на 21-ви август од 00:00 часот до 15:00 часот, електронски. Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 21-ви август од 07:00 часот до 17:00 часот. Конечната ранг листа со резултатите од запишувањето, секое училиште ја објавува на 22-ри август, најдоцна до 12:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука