март 14, 2022

Скопје/Охрид, 14. март 2022 (ОХРИДПРЕС) – Од 12-ти до 20-ти март 2022 година, германски сноубордери ќе ги истражуваат скијачките терени и адреналински спортови низ Република Македонија.

Групата од пет новинари, камермани и професионални сноубордери се преставници на најстариот сноубордерски магазин од Германија Snowborder MBM, а за кој ќе изработат видеа и репортажи од македонските дестинации.

Информативното патување е поддржано од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во соработка со „ИМЕ“  Програмата за зголемување на пазарната вработливост, а со цел промоција на туристичките потенцијали кои нудат зимска рекреација во нашата земја. Проектот за Snowborder MBM, кој е именуван како Road to Macedonia ќе ги опфати скијачките потенцијали низ земјава, односно ски центри Маврово, Попoва Шапка и Пелистер. Со овој проект магазинот ќе оствари 30 години од кога е испечатено нивното прво издание, а попатно ќе го пренесе искуството за различни адреналински спортови низ овие ски центри во државава.

– Ова е нивна мисија и сакаат да ги откријат „непознатите“ моменти на Балканот, зошто предизвик е балканската рута која нуди многу уникатни места за снимање. Посетата на Република Македонија започна од Скопје со вклучителна посета на Матка, патувањето продолжува јужно до Пелистер, односно ски центарот „Копанки“. Посетата на Охрид е задолжителна, неговиот стар град е важна станица за нив пред да се упатат кон Маврово и неговиот ски-центар. Патувањето завршува со убавините кои ги нудат Тетово и Попова Шапка. За време на целото кружно патување низ Македонија ја доловуваат мешавината од акциони зимски спортови, култура и начин на живот, со цел преку видеа и медиумска онлајн кампања да се пренесе целото искуство до нивните читатели и следбеници. Предноста за поинаква промоција и приказна од македонските дестинации е повеќе од јасна. Како најголемо германско списание за сноуборд, претставниците на Snowborder MBM сакаат на нивните читатели и следбеници да им ја покажат можноста за автентичен сноуборд во Република Македонија, потенцираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија (АППТ). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука