февруари 11, 2015

Скопје/Охрид/Струга, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Друштвото на писателите на Македонија ќе ја одбележи 68-годишнината од своето формирање со свечен собир в петок, 13-ти февруари.

Во Домот на македонските писатели ќе бидат врачени наградите за најуспешни книжевни дела објавени во 2014 година.

Охридските и струшките писатели и поети уште од формирањето на друштвото биле едни од најактивните и најбројните. Досега преку 20-на автори од Охрид и Струга биле и се дел од Друштвото на писателите на Македонија.

Меѓу охридските автори се: Есад Бајрам, Славе Банар, роден во Лешани, Благоја Лактински, роден во охридско Лактиње, Милош Линдро, роден во Косел, Ѓорѓија Најдоски, роден во Лактиње, Смиле Наумовски – Брсјак, роден во Годивје, Бранко Цветкоски, роден во Слатино, Димитар Пандев, филолог и литературен критичар и Зоран Јакимоски.

Поетот Јакимоски е еден од поновите членови на друштвото.

– Од една страна го имаше ДПМ, од друга страна во 90-те години на минатиот век ние ја имавме асоцијацијата на Независните писатели. Сум за се’ она што би допринело кон подобрувањето на статусот и условите на работа на македонскиот творец, истакнува Јакимоски.

Меѓу најстарите членови на ДПМ е охридскиот писател и поет за деца и возрасни Видое Видичевски.

– Јас сум член на Друштвото на писателите на Македонија од 1959 година. Завршив Филозофски факултет во Скопје и потоа се зачленив во ова друштво. Јубилеите во ова друштво се чествуваат и одбележуваат, се потсетува Видичевски.

Од покојните охридски автори, кои биле членови на ова друштво се Ванчо Николески, роден во Црвена Вода 1912 година, починал 1980 и Живко Чинго (роден 1935 година во Велгошти, починал 1987).

Од струшките автори, членови на ДПМ се: Фејзи Бојку, роден во Велешта, Димитрие Дурацовски, Анастас Ќушкоски, роден во Вевчани, Разме Кумбароски, Петко Шипинкаровски, роден во битолско, а живее, работи и твори во Струга, Ресул Шабани, роден во Калишта, Виктор Б. Шеќероски, роден во Радожда.

Починати струшки автори, кои биле членови на ДПМ се Трајан Мартиноски (роден 1951 година во Нерези, починал 1999 година) и Бошко Смаќоски (роден 1938 година во Модрич, а починал 1998 година).

Писателската лоза на Бошко Смаќоски ја продолжува неговата внука од братучед, Мира Смаќоска, охридска поетеса, претставник на младата генерација.

– Чест е да се носи презиме на голем писател, потекнувам од пошироката фамилија на Бошко Смаќоски. Како мала, се сеќавам на него, кога ќе ни’ читаше од неговите книги, тоа беа навистина убави мигови да се слуша македонска литература, вели Смаќоска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука