септември 15, 2021

Љубљана, 15. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Противниците на мерките за борба против коронавирусот во Словенија се собраа вечерва на плоштадот на Републиката во Љубљана и ја повикаа Владата да поднесе оставка. По два часа, тие запалија факели и започнаа да ги фрлаат кон словенечкиот Парламент.

Демонстрантите бараат промена на мерките за контрола на коронавирусот во препораки и предвремени избори во земјата. Тие беа критички настроени кон Владата и сегашниот состав на Националното собрание, кое, како што порачаа, повеќе не ја ужива довербата на народот, па ги повикаа да поднесат оставка, пренесе Klix.ba.

– Ни ги крадат парите под изговор дека го штитат нашето здравје. Меѓутоа, половина Словенија повеќе не може да се движи ако нема доказ дека лицето ја надминало болеста, дека е вакцинирано или тестирано на корона. Сакаме да си го вратиме животот назад, сакаме слобода, порача еден демонстрант, додавајќи дека тие бараат повлекување на обврзувачките мерки и ограничувања.

Аница Бидар од иницијативата „Маска дол“ најави нови собири за следната недела, велејќи дека сака да се укинат сите мерки.

– Ние сме слободни луѓе кои сакаат да живеат во слободна земја, рече таа.

Иако организаторите повикаа на мирен собир, имаше и инцидент кога еден од демонстрантите фрли шише кон еден од полицајците што го обезбедуваа собирот, но за среќа не го погоди. Собраните луѓе се приближија и до влезот во зградата на Собранието. Полицијата, сепак, дополнително го засили нивното присуство, по што полетаа и факели кон Собранието.

Епидемиолошката слика во земјата постојано се влошува. Според Националниот институт за јавно здравје, во моментов има 11.238 активни случаи на Covid-19 во земјата. Според владините податоци, 347 пациенти со Covid-19 се лекуваат во болниците, од кои 75 се на интензивна нега. Шест пациенти починаа само во вторникот.

Во Словенија од денеска се во сила нови, построги мерки за заштита на граѓаните од ширење на Covid-19. (Крај)

извор: klix.ba фото: klix.ba

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука