март 1, 2018

Охрид, 1. март (ОХРИДПРЕС) – Задоволен сум од реакцијата на вработените за време на последните снежни врнежи во градот, бидејќи го дадовме својот максимум и со човечки ресурси и со механизацијата со која располагаме, истакна Љупчо Грданоски, директор на ЈП „Охридски комуналец“ во денешното издание на „Радио Корнер“ на Супер радио со Александра Алексијевска.

Супер радио: Според податоците на УХМР, Охрид е меѓу градовите каде наврна најмногу снег во Република Македонија. Како и за се` останато, охриѓани се поделени околу тоа дали ЈП „Охридски комуналец“ соодветно реагираше на состојбата. Колку Вие како директор сте задоволен од екипираноста, капацитетите и  можноста за реакција на јавното претпријатие при снежни услови?

Грданоски: ЈП „Охридски комуналец“ беше активно буквално 24 часа во текот на денот. Се рабира дека ни е важен впечатокот на граѓаните, но јас сум задоволен бидејќи ние го дадовме својот максимум и со човечки ресусри и со механизацијата со која располагаме.

Супер радио: Во очите на посетителите на Охрид, хигиената е лицето на градот, зборува за културата и менталитетот на местото. Какви подготовки правите во пресрет на новата сезона?

Грданоски: Во пресрет на пролета веќе е распишан тендер за набавка на системи за наводнување. Планираме парковско освежување на повеќе локации во градот. Околу контејнерското уредување веќе се лоцирани оние т.н. „црни точки“ во градот на кои сме во план да поставиме прес контејнери и подземни контејнери. За да сме многу поефикасни и подготвени да ја дочекаме новата сезона, планираме во текот на летната сезона да воведеме повеќесменско работење, со што сметаме дека ќе ја зголемиме ефикасноста во насока и охриѓани и туристите ќе бидат позадоволни хигиената во Охрид.

Супер радио: Споменавте поставување на нови подземни контејнери. Имате одбрано локации за нив, Ве прашувам бидејќи претходното поствување на подземни контејнери во градот беше бурно дочекано, поради локацијата?

Грданоски: Сметем дека беше избрана погрешна локација на подземните контејнери кои ни беа одобрени преку Југозападниот плански регион. Во соработка со локалната самоуправа обезбедивме нови локации кои со претходна анализа сме ги одбележале како „црни точки“ кои не се во самото централно градско подрачје, како не би сметале на сообраќајот.

grdankorner2Супер радио: Покрај тоа што  хортикултурно ќе ги уредувате постојните паркови и зеленила, ќе оплемените ли и некој нов парк, ново зеленило?

Грданоски: Во план сме да направиме едно целосно хортикултурно уредување на влезот на градот, на местото кое ние охриѓани го викаме „Петља“. Сметавме дека и на потегот од летната тераса „Жиголо“ кон хотелот „Сити Палас“ има можност за подобро хортикултурно уредување, па ќе работиме и на таа локација. Планирано е и да се возобнови и „Паркот на пријателите“, кој се наоѓа на потегот кон хотелот „Парк“, кој во последниов период е целосно запуштен.

Супер радио: Генерално, нашата култура во поглед на општата хигиена во градот не е највисоко ниво. Но, сепак за да ја „издигнеме“ културата на повисоко ниво, базично ни се потребни корпи за отпадоци, за кои охриѓани коментираат дека недостасуваат во градов?

Грданоски: Можам делумно да се согласам, затоа што има корпи за отпадоци, не во доволен број, а најголемиот проблем ни е тоа што тие во централното градско подрчје се користат несовесно. Наместо корпите за отпадоци да се користат за ситен отпад од минувачите, тие секогаш се преполни со отпадоци од локалните дуќанџии, кои ги мрзи отпадот да го фрлат во најблискиот контејнер. Колку ние и да ги празниме, тие постојано се преполни поради несовесното користење, што претставува навистина грда слика за градот.

Супер радио: Пред неколку години ЈП „Охридски комуналец“ набави нови возила за комунален отпад? Како стоите механизациски? Ви треба ли нова механизација?

Грданоски: Јавното претпријатие пред околу две и пол години набави нови комунални возила, но проблемот е во тоа што тие не ги задоволуваат потребните потреби. Проблемот е во тоа што тие се нови возила, а постојано се расипуваат, постојано се во дефект и ни прават проблем во тековното нормално функционирање. Ние како менаџерски тим се трудиме за осовременување на механизацијата и токму затоа преку локаната самоуправа веќе имаме аплицирано до „Светска Банка“ од каде се обезбедени средства за нови возила со кои очекуваме до почетокот на летото да бидеме поефикасни во својата работа. Станува збор за едно возило од 20-22 метри кубни, две возило од осум метри кубни, две од три метри кубни, една цистерна за миење на улици и еден трактор кој ќе служи за повеќе намени.

Супер радио: А во поглед на зимската опрема со што располагате?

Грданоски: За жал во моментов располагаме со многу застарена зимска механизација. Ножевите за чистење снег се поставуваат на камиони кои во други услови ни служат за собирање на комунален отпад, но сепак со дополнителен човечки труд успеавме да го исчистиме снегот. Кога сме кај зимското функционирање на ЈП „Охридски комуналец“, мора да изразам благодарност до ЈП „Водовод“ како и до приватната компанија „Нефи“ кои со нивната механизација ни излегоа во пресрет и ни помогнаа во расчистувањето на снегот.

Супер радио: Механизацијата е првиот аспект, кој не би функционирал без човечкиот труд. Впечатокот на јавноста е дека имате премногу вработени. Кој е Вашиот впечаток како директор?

Грданоски: Мојот впечаток е ист како и на јавноста. Се соочуваме со огромен број на вработени, меѓутоа со добро менаџирање успеваме да најдеме работа за сите вработени кои што, ајде да речам затаиле во нивната исполнителност во поглед на работните задачи. Да напоменам дека многу поголем проблем во поглед на превработеноста ни се административните работници, отколку оние општи работници за кои секогаш има работа.

Супер радио: Во годините наназад сметот од контејнерите во Охрид се собираше во раните утрински часови, кога нема метеж и гужва на улиците. Сега охриѓани се малку неврозни што комуналните возила понекогаш знаат да го закочат сообраќајот?

Грданоски: Еден и единствен став на „Охридски комуналец“ е дека градот безусловно треба да биде чист во секој дел од годината. За да го постигнеме тоа не е доволно да ги празниме контејнерите само наутро, кога нема метеж на улиците, за неколку часа тие се повторно полни, па од тука и потребата да ги празниме по неколку пати во денот, особено во летната сезона. Затоа повикувам на трпеливост кај граѓаните на дел од главните сообраќајници, верувајте сето тоа е во интерес на чист Охрид.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука