февруари 4, 2020

Охрид/Скопје, 4. февруари 2020 (ОХРИДПРЕС) – Грипот и натаму држи интензитет во Охрид, од почетокот на годинава се евидентирани 189 заболени, а само последнава недела 51 пациент.

За разлика од лани кога грипот зеде замав во февруари, годинава поголем број заболени имаме во јануари, особено во последната недела, вели за Супер радио и OhridPress специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска.

– Во првата недела од оваа година имавме 11 случаи на заболени од грип, по што бројката растеше, во втората 17, во третата 47, за во четвртата недела да имаме 63 заболени, а во петтата 51 пациент. За разлика од лани кога грипот пикот го достигна во февруари, годинава зеде замав во јануари. Во поголемиот дел од случаите се работи за помлади пациенти, претежно кои не примиле вакцина. А пак многу е мала на бројката пациенти над 65 години, за кои имаше и бесплатно вакцинирање. Досега се регистрирани само 14 пациенти, што потврдува дека вакцината е најдобра заштита. Дози сеуште има и од бесплатните и од комерцијалните, потенцира д-р Стурлакова Коровешоска.

Често пати се случува граѓаните да ги имаат симптомите, да се жалат на болки во мускулите, омалаксаност, но на крај да излезе дека се работи за обична настинка.

Резултат со слика за грип

Како и да е д-р Стурлакова Коровешоска потенцира дека е неопходно да се почитуваат превентивните мерки, поголема грижа за лична хигиена, често миење на рацете и што почесто и редовно проветрување на просториите.

Грипот е сериозна болест која започнува наеднаш, со висока температура, главоболка, болки во зглобовите и мускулите, омалаксалост, а потоа со симптоми на дишните органи, кашлање, кивање, болка во грлото, „течење“ од носот. Грипот може да ги искомпликува постоечките болести кај хроничните болни, а можат да се појават компликации и кај други чувствителни лица и да дојде до загрозување на животот на болниот.
При појава на симптоми на болеста, потребно е да се остане дома, да се користат средства за ублажување на симптомите (лекови против температура и болка, за ублажување на кашлањето и „течење“ од носот, витамини, минерали и топли напитоци). Доколку за 2-3 дена не дојде до подобрување, потребно е да се јавите кај својот матичен лекар. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука