февруари 15, 2018

Атина, 15. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Турција е должна во целост да го почитува меѓународното и европското право, во тие рамки и морското право и Лозанскиот договор, кој не може ниту да се ревидира, ниту да се актуелизира и кој „без никакви траги од сиви зони“ ги одредува границите, територијата и суверенитетот не само на Грција, туку и на Европската унија.

Тоа го изјави грчкиот престедател Прокопис Павлопулос за време на промоција на книга за Елефтериос Венизелос во воениот музеј во Атина.

Поводот за изјавата е инцидентот во Егејското море, каде турски патролен брод удри во брод на грчката пристанишна полиција во реонот на островот Имија/Кардак, за коишто Грција и Турција спорат со години.

Павлопулос увери дека Грција се стреми кон односи на пријателство и добрососедство со Турција.

– Ние, Грците, врз основа на нашето историско наследство, ги почитуваме пријателите, но не се плашиме од непријателите, рече грчкиот претседател.

Атина и Анкара вчера објавија различни ставови во врска со инцидентот. Министерството за надворешни работи на Турција тврди дека инцидентот го предизвикал грчкиот брод, додека Атина обвинува дека турскиот брод удрил во грчкиот.

За инцидентот телефонски разговарале и премиерите на двете земји. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука