Lanzhou, 6. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Македонскиот виртуоз на гитара, охриѓанецот Дамјан Пејчиноски и неговото трио ќе настапат во Кина.
Предвидени се четири концерти во градот Lanzhou, како негово претставување пред огромниот кинески аудиториум. Деталите за концертот беа соопштени на денешната прес конференција, по која беа примени и од првиот човек на градот, градоначалникот на Lanzhou.
Дамјан Печиновски важи за еден од најдобрите гитаристи на домашната сцена. Неговото богато музичко искуство напишано со многу странски настапи е верен доказ дека Македонија има млади таленти кои што можат да се носат рамо до рамо со светските големи имиња. На сцената секогаш плени со својата самодоверба, зрелост и неверојатен слух и техника за гитара.
Со гитарата другарува од својата шеста година, но вистинскиот интерес се пројавил во тинејџерските денови. Има членувано во составите „Ворнинг“, „Абракадабра“ и „Џамп старт“. Во 2002 година на реномираниот фестивал „Рок-фест“ беше прогласен за најдобар гитарист, а наградата – гитара „Јамаха“ лично му ja додели маестро Влатко Стефановски.
Во декември минатата година, Пејчиноски ја доби титулата Доцент на Музичката Академија во Скопје. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива