февруари 26, 2022

Скопје/Охрид, 26. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Поминаа две години откако во Република Македонија беше регистриран првиот случај на Covid-19.

Денес, вкупниот број на ковид-дијагностицирани во земјава е 296.229 лица. Битката со вирусот ја изгубија 8.981, а бројот на активни случаи изнесува 4.644.

Деновиве се очекува Генералниот координативен кризен штаб и Владата да се произнесат за двете мерки предложени од Комисијата за заразни болести. Мерките се однесуваат за укинување на PCR тестовите, потврдата за прележаност или потврдата за вакцинација при излез од земјата и укинување на ослободувањето од работа за бремените жени.

Во врска со првата мерка која се однесува на укинувањето на задолжителното поседување негативен PCR тест или потврда за прележаност или вакцинација при излез од земјата, портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ информираше оти тоа не значи дека во земјите каде се бара PCR тест или Covid-19 сертификат, нема да се бараат, туку дека мерката се укинува при излез од земјава на нашите гранични премини.

Во однос на укинувањето на ослободувањето од работа за бремените жени, Мехмедовиќ појасни дека предлог е оваа мерка да се укине согласно препораките од релевантна институција и од примерите од светот во кои се препорачува жените кои планираат бременост или се бремени да се вакцинираат и на тој начин да го заштитат своето здравје.

Министерот за здравство Беким Сали најавува дека од следната недела и преку матичните лекари ќе се испраќаат покани до ризичните групи на граѓани со цел тие да се вакцинираат.

Моментално како најризична група ги гледаме граѓаните над 70 години, како и оние под 70 години со коморбидитети. Затоа од следната недела преку матичните лекари ќе испраќаме покани за вакцинација на оние граѓани кои се во потенцијален ризик, изјави вчера Сали.

Се надева дека овие покани ќе резултираат со голем одѕив за вакцинација против Covid-19.

Како Министерство уште од самиот почеток водиме полиберална форма на политика против ковид кризата, затоа што сметаме дека секој поединец има право да одлучи дали ќе се вакцинира или не. Иако сметаме дека во некои околности би требало да инсистираме на вакцинација. Не велам тоа да биде рестриктивно, задолжително, меѓутоа треба да инсистираме, рече Сали, додавајќи дека засега вакцинацијата е единствениот начин на заштита и дека штити од потешка форма на болеста.

Во однос на рестриктивните мерки, рече дека засега остануваат сертификатите како задолжителна обврска во моловите и угостителските објекти затоа што процентот на имунизација во земјава е се уште низок за да може да се размислува за вакви олеснувања.

Во светот во изминативе седум дена се забележува опаѓање на бројот на заразени од Covid-19. Глобално за 16 проценти е помал бројот на заразени, а за осум отсто е намален бројот на починати. Во Европа, пак, во последната седмица се регистрирани за 21 процент помалку нови ковид-случаи, а за шест отсто помалку починати.

Од почетокот на пандемијата од Covid-19 во светот вкупно се заразени 431 милион лица, а починале речиси шест милиони. (Крај)

извор: мкд.мк фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука