февруари 1, 2017

Струга, 01. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Основните училишта „Браќа Миладиновци“ и „Гоце Делчев“ од Струга се меѓу избраните училишта, кои доставија програма за реализирање на активностите кои се однесуваат на мултикултурализмот.

На овие две училишта им се одобрени средства од Министерството за образование и наука за проекти од областа на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образованието

Струшките училишта се обврзани активностите да ги спроведат во склоп на воннаставните активности или во склоп на редовната настава.

– Со цел зајакнување и поддршка на активностите кои придонесуваат за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранцијата во образованието, направивме измени во законот за основно образование и законот за средно образование со кои на сите училишта им овозможивме со креативни програми во таа сфера на воспитно образовниот процес, да аплицираат во министерството за oбразование и наука и да се стекнат со парични средства за реализација на истите во висина до триесет илјади денари, информираа од Министерството за образование и наука.

Од програмите се очекува планираните активности да имаат за цел интеракција на етнички/јазично мешани групи учесници во балансирани групи учесници според етничката припадност, полот и возраста. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука