април 8, 2017

Охрид, 8. април 2017 (ОХРИДПРЕС) – Саботата пред Цветници се вика Лазарева сабота или Лазарица.

Според преданието во саботата умрел Лазар од Витанија, а во неделата Исус го воскреснал.

– Поради тоа во народот неделата се смета за поголем празник од саботата. Според тогашните закони учител можело да биде само лице што наполнило триесет години. Исус веќе четврта година го проповедал своето учење, а бидејќи за Пасха мноштво народ доаѓал во Ерусалим за да го прослави празникот и Исус по четврти пат доаѓал како учител. Но тогаш разбрал дека неговиот пријател Лазар од Витанија е тешко болен. Исус веднаш се упатил таму, но стигнал четири дена по неговата смрт и по погребот. Сестрите на Лазар Марта и Марија го прекориле Исуса велејќи му дека ако дојдел навреме немало Лазар да умре. Марта му рекла: „Господи, ако беше Ти овде, немаше да умре брат ми. Но и сега знам што и да посакаш од Бога, Бог ќе ти даде“. Легендата вели дека Бог сакал Лазар да умре за врз него да се манифестира силата Божја. Кога дошол до гробот Исус го повикал Лазара: „Лазаре, излези надвор“. И Лазар веднаш излегол завиткан со платно на рацете и нозете и со крпа околу лицето. Сите што го виделе тоа се почудиле и поверувале дека Исус е синот Божји. Со овој чин Исус уште повеќе се здобил со слава. И пак се упатил кон Ерусалим, пренесува Илија Ристески, претставник од Дебарско – кичевската епархија.

Воскреснувањето на Лазар претставува предвесник на Христовото воскреснување, но и праобраз на општото воскресение на сите луѓе при Второто Христово пришествие. Затоа, впрочем и има големо значаење. Со своето воскресение Исус потврдил дека претстои воскресение за сите луѓе. „Значи нема да воскреснат само праведниците, а грешниците да исчезнат, туку сите ќе воскреснат и ќе се претстават пред Страшниот Христов Суд.“

Тропар Лазарева Сабота (Свети Лазар:

„Христе Боже, за да нè увериш во општото воскресение, пред Твоите страдања, го воскресна Лазара од мртвите. Затоа и ние, носејќи како децата знаци на победата Ти викаме Тебе, Победителу на смртта: Осана во висините! Благословен е Оној што иде во името Господово!“ (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука