февруари 14, 2018

Охрид, 14. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Како и секоја година во овој период на годината повторно се поставува непотребната дилема – Св. Трифун или Св. Валентин?

Таа  е секако сосема непотребна и вештачки е наметната затоа што тоа е ден кој треба да зближува, а не да разделува. Посветете им посебно внимание на најблиските за денешниот празник Св. Трифун, а Св. Валентин нека Ви биде секој ден во годината.

Легендата вели дека Свети Валентин живеел во Рим за време на владеењето на императорот Клаудиј Втори, кој започнал и водел многу војни при што имал  тешкотии да собере војници. Вината за тоа ја нашол во брачниот и жубовниот живот на потенцијалните војници и затоа забранил склучување  веридби и бракови. Валентин, кој бил свештеник, и покрај строгата  забрана ги венчавал вљубените. Поради тоа бил уапсен, мачен и убиен токму на 14-ти февруари 269 година од нашата ера. Два века подоцна бил  прогласен за светец.

Свети Трифун, според преданијата, живеел во третиот век и се  занимавал со своето домаќинство и со чување гуски. Тој имал чудесна моќ да лекува голем број болести со молитва. Се верува дека ја излекувал  ќерката на римскиот цар Гордијан од душевната болест. Царот богато го наградил, а Трифун богатството го поделил со сиромашните. За време на владеењето на римскиот цар Дациј, Трифун бил мачен и откако не се  откажал од христијанството бил убиен.

Се верува дека овој светец ги заштитува посевите, а за свој заштитник го земаат кафеанџиите и винарите, кои токму на денешен ден за прв пат во годината ги закројуваат лозите.

Според народните верувања, ако на денот на Свети Трифун врне дожд или  снег, годината ќе биде плодна, а ако е ведро времето не очекува сушна и јалова година пред нас.

Модерните и екстремно комерцијални времиња денешниот ден го поврзуваат најчесто со прекумерно трошење преку купување на цвеќе и  ситни, но и скапи подароци, праќање на SMS пораки и електронски  честитки, славење по кафеани… Притоа како да ја забораваме суштината на двојниот празник.

Сепак за изразување на љубов и наклоност не е доволен само еден ден  во годината. На љубените, саканите и блиските со мали гестови кои ги греат срцето и душата, љубовта треба да  им се искажува секојдневно. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука