Дејвис куп финале во Лил: Франција – Белгија 1:1 по првиот ден

Лил, 25. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Франција и Белгија имаат 1:1 по првиот натпреварувачки ден на Дејвис куп фналето во Лил. Давид Гофан во воведниот меч го совлада Лук Пуј со 3:0 (по сетови: 7:5, 6:3, 6:1), а за израмнување на „триколорите“ се погрижи Жо Вилфред Цонга кој со идентичен резултат го порази Стив Дарсис (по сетови: 6:3, 6:2, 6:1).

За денеска е закажан натпреварот во двојки во кој Ришар Гаске и Пјер Иг Ербер ќе играат со белгиската комбинација Рубин Бемелманс и Јорис де Лор.

Освојувачот на „салатарата“ за 2017 година ќе биде познат утре по двата меча во сингл. Први на теренот ќе излезат Цонга и Гофан, а по нив се најавени и Пуј и Дарсис.

Дејвис куп финалето меѓу Франција и Белгија се игра на стадионот „Пјер Моро“ на кој своите натпревари како домаќин ги игра францускиот прволигаш Лил. (Крај)

извор: НоваТв фото: архива

scroll to top