септември 20, 2021

Скопје/Охрид, 20. септември 2021 (ОХРИДПРЕС) – Од Државната изборна комисија (ДИК) денеска ги потврдија поднесените кандидатури и листи за советници за локалните избори, кои ќе се одржат на 17-ти октомври.

До четврток треба да заврши и жрепката по што ќе се знае редниот број кој треба да го заокружат граѓаните за да дадат поддршка на избраната опција. Вкупно 303 кандидати за градоначалници и 567 советнички листи во сите општини.

– Одбиени се две кандидатури за Охрид и Струга, а од советничките листи 6. Одбиени се листи за Општините Врапчиште, Ѓорче Петров, Зелениково, Кичево, Струга и Тетово, информираат од ДИК од каде потенцираат дека се работи за помали партии, а причините се ненавремено поднесување или формални недостатоци.

Три кандидатури за градоначалник и единаесет советнички листи со вкупно 253 кандидати се во трка за една градоначалничка фотелја и 23 советнички места во охридскиот општински совет. Потврдени и испратени до Државната изборна комисија (ДИК) се три кандидатури за градоначалник и 11 советнички листи, од кои три се независни, исто толку поднесени од коалиции и пет од политички партии информира за Супер радио и OhridPress Антигона Сионов од Општинската изборна комисија (ОИК).

– Кандидати за градоначалник се: Гоце Цветкоски од ТМРО, Константин Георгиески од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и Кирил Пецаков од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Кај советничките листи се група избирачи Димитар Велјаноски, група избирачи Антонио Наумоски и група избирачи Стевче Стевоски, од партиите „Левица“ – носител Виолета Аврамова, ДУИ – носител Нефи Усеини, „Единствена Македонија“ – Владимир Суклоски, Движење БЕСА – Џемал Мена и ТМРО – Магдалена Наумоска. На предлог на коалиции има три советнички листи, ВМРО-ДПМНЕ и коалиција „Обнова на Македонија“ носител Сашо Донев, ДОМ и ЛДП „Одлучно за промени“, носител Александар Станкоски и коалиција „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ со носител Науме Јованоски, потенцира Сионов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука