февруари 9, 2018

Охрид, 9. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Покрај стандардната понуда која ја нуди секој туристички центар – убави и современо уредени плажи и соодветна угостителска понуда, Охрид и неговата околина нудат одлични можности за развој и на спортскиот, авантуристичкиот и многу други видови туризам.

Во таа насока, вчера во Охрид беше презентиран проектот „Регионот Охридско езеро – Безбедна дестинација за авантуристички туризам. Ќе се имплементира во соработка со „Националниот центар за екологија, туризам и одржлив развој“ од Поградец, а со поддршка на Европската Унија. Проектениот менаџер Антонио Додевски, активист на охридскиот Црвен Крст, aлпинист и интернационален водич во планина, кој долг период се занимава со оваа тема беше наш денешен гостин во „Радио Корнер“ на Супер радио.

Супер радио: Што нуди охридскиот регион кога зборуваме за авантуристички туризам?

Додевски: Се` што нуди во моментов Охрид е авантуристички туризам, бидејќи по дефиниција тој во себе вклучува физички активности, природа и култура. Охрид ги има сите три компоненти. Во туристичкиот производ, доколку се вклучени две од овие три активности тоа може да се нарече авантуристички туризам.

Супер радио: Според статистиката, авантуристичкиот туризам е сегмент со најголем раст во графата туризам во глобални рамки. Атрактивни ли сме за „авантуристите“ од светот?

Додевски: Охрид и охридскиот регион е светски бренд. Охридското Езеро е опкружено со голем број планини и многу национални паркови, зборувам регионално, прекугранично, а не сaмо на македонска територија. Го имаме националниот парк „Преспа“ од албанска страна, национален парк „Галичица“ од наша страна, планината Јабланица од албанска страна која е национален парк, а има иницијатива и македонскиот дел да стане национален парк. Сите овие природни богатства кои ги имаме, богатата култура и културно наследство, ни даваат одлични можности за развој на сите видови авантуристички активности, од планинарење, велосипедизам, параглајдинг, нуркање, едрење, кајак, пливање итн. Сето ова охридскиот регион го прави многу атрактивен и тоа во светски рамки.

Супер радио: Активист сте на охридскиот Црвениот крст, aлпинист и интернационален водич во планина. Често сте во контакт со луѓе од различни делови од светот кои го сакаат авантуристичкиот туризам. Што велат тие, какви се нивните импресии од престоите во Охрид?

Додевски: Заклучокот е секогаш еден, не само охридскиот регион, туку цела Македонија има совршен природен потенцијал за практикување на авантуристички спортови. Меѓутоа многу е очигледно и дека кај нив постои и една доза на разочараност, поради нашата неогранизараност во поглед на искористување на потенцијалот.

antoniokorner2Супер радио: На вчерашната презентација на проектот ги истакнавте проблемите за практикување аватуристички спортови во охридскиот регион. Кои ни се слабостите и како да ги подобриме условите?

Додевски: Доколку зборуваме за организиран авантуристички туризам, во светот има огромен број на туристички оператори кои вртат огромни пари, со постојани клиенти кои ги носат на различни дестинации. Клучен фактор кој игра улога за овие туристи да доаѓаат и кај нас е безбедноста. Тоа ни е најголемиот недостаток за да бидеме конкурентни на тие пазари, затоа ни е нужен организаран систем за менаџирање со ризици и оранизиран систем за спасување во случај на несреќи. Ова е првиот сегмент кој мора да го решиме, но исто така важно е да ги решиме и инфраструктурните недостатоци.

Супер радио: Преку проектот кој вчера го презентиравте најавувате подобрување на безбедноста во практикување авантуристички спортови?

Додевски: Преку проектот ќе отстраниме еден од основните недостатоци, а тоа е недостигот на специјализирани служби за спасување кои можат да одговорат во деликатни ситуации на повреди во непристапен терен. Исто со активностите на проектот на страната од Поградец никогаш немало никакви спасувачки служби на вода, па затоа ние ќе им ги пренесеме искуствата кои сме ги стекнале низ долгогодишна работа, а исто така ќе бидат опремени 10 капалишта, ќе бидат обучени 40 спасувачи на вода, ќе бидат обучени инструктори, за да можат понатаму сами да продолжат со обуки, ќе се безбеди еден специјлизиран пловен објект.

Супер радио: Покрај безбеднбоста, презентацијата на потенцијалот за авантуристички туризам на регионалниот и глобалниот пазар е доста важна. Како стоиме со ова прашање?

Додевски: Искрено сметам дека веќе години наназад, стратегијата за промоција на нашиот регион е малку погрешна. Инаку ние преку проектот подготвуваме еден дел кој ќе се однесува на туристичките оператори. Ќе ги обучуваме како тие да го промовираат охридскиот регион како безбедна дестинација. Ќе изградиме екстра модерен центар за спасување, ќе можеме многу брзо и ефикасно да делуваме, а преку обука на тур операторите, ние тоа сакаме да им го претставиме на заинтересираните.

Супер радио: Овој вид на туризам е особено значан за локалното население, бидејќи разгледувајќи ги статистиките во светски рамки, ваквите туристи 75% од парите кои ќе ги потрошат остануваат во локалната економија, за разлика од мејнстрим туристите кои трошат само 15 % во локалната економија. Најпластично кажано, еден „авантурист“ во локалната економија ќе потроши толку колку што ќе потрошат пет холанѓани со субвенциониран аранжман.

Додевски: Самата дефииција на авантуристичкиот туризам вклучува физичка активност, природа и културно наследство, што значи дека овие туристи секогаш сакаат да го конзумираат она што е локално. „Авантуристите“ сакаат да ги искусат локалните вредности што значи дека потрошувачката на домашни прозводи, во однос на другите форми на туризам, е многу поголема.

bistrocorner1

Емисијата „Радио Корнер“ се емитува на Супер радио секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Бистро „Корнер“. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука