јануари 24, 2017

Охрид, 24. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Фирмите и работодавците како исплатители на приходи имаат обврска најдоцна до утре, 25 јануари на сите физички лица да им издадат Збирна пресметка за исплатените приходи, платениот персонален данок и придонеси за 2016 година.

Издавањето на збирна пресметка е законска обврска на исплатувачот на приходот, врз основа на која граѓанинот ќе може точно и навремено да ги пријави приходите во Годишната даночна пријава.

Податоците во Збирната пресметка треба да бидат искажани во согласност со бараните податоци во Годишната даночна пријава, односно Законот за персоналниот данок на доход.

Доколку до 25 јануари економските субјекти на граѓанинот не му издадат збирна пресметка за 2016 година, законот предвидува глоба во износ од 3.000 евра во денарска противвредност, а за направениот прекршок на одговорното лице во даночниот обврзник, ќе му биде изречена глоба во износ од 30% од одмерената глоба за даночниот обврзник.

Фирмите-исплатувачи за изминатата 2016 година имаат обврска најдоцна до 31 јануари 2017 година, задолжително по електронски пат преку http://etax.ujp.gov.mk да поднесат: Годишен извештај за извршените исплати на граѓани во 2016 година по основ на откуп на земјоделски производи; Годишен извештај за извршениот откуп на корисен цврст отпад од физички лица кои не се трговци поединци во 2016 година; Годишен извештај за организаторите на зелен пазар на кој се врши трговија на големо и мало, а во кој треба да ги пријават лицата кој ги користеле продажните места на зелениот пазар во изминатата 2016 година и Годишен извештај за извршените исплати на приходи на физички лица/граѓани во 2016 година, по основ на: лични примања, авторски права и права од индустриска сопственост, капитал, имот и имотни права (закупнини), добивките од општи игри на среќа и други приходи за кои аконтацијата на данокот се плаќа по одбивка.

Исплатувачите кои извршиле исплата на приходи од добивки од посебни игри на среќа (игри на среќа во казино, обложувалница и автомат клуб) немаат обврска да поднесат Годишен извештај. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука