јануари 28, 2022

Охрид, 28. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Капацитетите на инфективното и интерното одделение во охридската Општа болница за прием на ковид пациенти се исполнети.

Директорот д-р Горан Балески за Супер радио и OhridPress вели дека се хоспитализирани 43 пациенти, претежно повозрасни, а за 24 часа имало дури 160 амбулантски прегледи. За прием на ковид пациенти од следната недела ќе се пренаменат оддели во другите болници.

– Од понеделник болницата за Кардиоваскуларни заболувања се отвора како ковид центар, кај нас инфективно и интерно се полни. Модуларната не може да се отвори затоа што и немаме персонал што ќе ги опслужи пациенти. Ние мора да работиме и со друга патологија, со други болни, не може хирушкиот блок да послужи како ковид центар кога имаме по 10 карциноми неделно оперираме, има и други болести, не може две години да се лечат и да им се даде третман само на ковид пациенти, вели д-р Балески.

Напоменува дека и меѓу персоналот има заболени, но со ротации од други одделенија успеваат да ги опслужат сите пациенти.

Во последниот Covid-19 извештај во Охрид беа регистрирани 41 нов случај и 302 оздравени пациенти. Моментално во градов има 370 активни случаи на корона вирусот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука