февруари 24, 2023

Киев, 24. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Пред точно една година милиони Украинци се разбудија во војна и за нив повеќе ништо не беше исто.

Годините на негирање на Украина и нејзината сопствена државност од страна на рускиот претседател Владимир Путин кулминираа со воена агресија на Русија врз украинската територија која започна точно пред една година.

По падот на прорускиот претседател на Украина, Виктор Јанукович, во 2014 година, Путин често обвинуваше дека оваа држава е преземена од екстремисти. Во 2021 година тој почна да распоредува руски војници близу украинската граница, но со месеци негираше дека ќе го нападне својот сосед.

Сепак, на 24 февруари 2022, тој ја објави инвазијата нарекувајќи ја „специјална воена операција“. Милиони Украинци се разбудија во војна и за нив повеќе ништо не беше исто.

Првите експлозии се слушнаа во Киев во 3:27 часот изутрината, а потоа одекнаа и низ други делови од земјата.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски првпат се огласи околу 5 наутро потврдувајќи дека неговата земја е цел на ракетни напади од Русија.

Денеска, на годишнината од почетокот на војната, пак, тој се огласи дека ова ќе биде година на победа за Украина. На овој ден минатата година, вели Зеленски, милиони украинци направија избор и избраа отпор и борба.

– На 24 февруари милиони од нас направија избор. Не бело знаме, туку сино-жолто знаме. Не бегање, туку соочување со непријателот. Отпор и борба, напиша Зеленски на социјалните мрежи.

Изминатата година, оценува тој, беше година на болка, тага, верба и единство. Оваа, пак, вели, ќе биде година на наша непобедливост и година на наша победа. (Крај)

извор: 360 степени фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука