јуни 11, 2024

Охрид, 11. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден во 2014 година регионот Охрид-Преспа беше прогласен за прекуграничен биосферен резерват на УНЕСКО.

Дејан Пановски, македонскиот претставник во Билатералниот секретаријат за Охридско Езеро, кој беше еден од носителите на иницијативата, по повод одлуката на УНЕСКО, тогаш истакна дека таа претставува признание на посветеноста и на вредностите, одличен импулс за засилена туристичка промоција и со тоа поголема економска добивка на регионот.

– Создавањето биосферен резерват е сублимат на сите постојни заштитени појаси во регионот и новиот статус треба да го засили интересот во светот за нашиот регион како од еколошки, така и од инвестициски аспект. Луѓето и биосферата се едно тело преку одржливиот развој, а биосферниот резерват е огромна инвестиција за иднината на Охрид и Преспа, истакна Пановски пред една деценија.

Денеска тој вели дека вредноста на оваа иницијатива, се’ уште не знаеме да ја валоризираме.

– На денешен ден пред 10 години УНЕСКО го прогласи регионот Охрид Преспа за Прекуграничен Биосферен резерват. Ја сработивме номинацијата, спроведовме еко-дипломатија но, вредноста се’ уште не знаеме да ја валоризираме, напиша Пановски денеска на неговиот профил на Facebook.

Носители на номинацијата за прогласување на Охрид-Преспа за биосферен резерват беа Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро поддржан од МАБ комитетите, министерствата за животна средина и Националните комисии на УНЕСКО на Македонија и Албанија.

Создавањето таков резерват за сливот на Охридското Езеро, во кој е вклучен и регионот на Преспа, е иницијатива на Билатералниот секретаријат за Охридскиот слив, а дел од Договорот за заштита на Охридското Езеро што заеднички го реализираа Македонија и Албанија.

Таканаречените „биосферни резервати“ се подрачја во кои човековите активности се насочени кон одржливо искористување на природните ресурси и обезбедување соодветни услови за луѓето да живеат во хармонија со фауната и флората. УНЕСКО ги признава биосферните резервати како подрачја истакнати по својата единственост во светски рамки. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука