јануари 30, 2023

Охрид, 30. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Изминатиов период се бележи константен раст на нивото на водата во Охридското Езеро.

Па, така во изминативе седум дена е покачено за осум сантиметри. Но, сепак и покрај подобрувањето на хидролошката состојба, водостојот и натаму е под просекот за овој период од годината.

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), водата е на кота од 693,27 м.н.в, што е за 11 сантриметри под просекот за јануари (693,38 м.н.в), односно 17 сантиметри над дозволениот минимум (693,10 м.н.в). Температурата на езерската вода измерена утрово е 8 степени, за степен повисока од месечниот просек.

Полека, но сигурно количината на вода се зголемува, па Билјанините извори го враќаат ликот. Од крајот на септември до втората половина на декември минатата година од овој препознатлив симбол на Охрид периодично сосема малку или речиси воопшто не истекуваше вода. Сега состојбата е различна.

Во Охрид денес променливо облачно и студено време со повремени сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Максималната температура ќе се искачи до 6. степени.

– Следува период на променливо облачно и студено време. Утре локално ќе провејува слаб снег и ќе дува засилен северен ветер. Во среда ќе има преодно намалување на облачноста, а од четврток повторно повремено ќе има слаби врнежи претежно од снег, информираат од УХМР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука