„Ел класико“ по 236-ти пат: Кој ќе добие најубав божиќен поклон – Мадрид или Каталонија?

Мадрид, 23. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Политичката тензија, големата бодовна разлика, но и очајниот термин (13 часот) го прават денеска посебно божиќното „ел класико“ помеѓу шпанските великани Реал Мадрид и Барселона, кои првпат сезонава ќе се судрат во Ла Лига, инаку 175-ти првенствен дуел од 236-те меѓусебни пресметки во стогодишната историја.

Фудбалски Барселона доаѓа во Мадрид за да покаже дека е најдобра во моментов во Шпанија и да го направи клучниот исчекор кон шампионската круна. Никогаш досега не се случило каталонската гордост во една година двапати да го освои „Сантјаго Бернабеу“ во првенствени мечеви, а три години по ред со победа да си оди од најжешкиот терен, но Барса е мотивирана да покаже дека августовскиот супер-куп не беше мерило за силата и капацитетот. Сепак, Каталонците под голем притисок доаѓаат во шпанската престолнина посебно поради затегнатите политички односи во изминатиов период и обидот на сепаратистичката покраина да се отцепи од Шпанија.

Нема сомнение дека Каталонците во Мадрид ќе бидат дочекани на нож, а ситуацијата уште повеќе кулминира, откако тие одбија да му се поклонат на „кралот“ за освоената светска круна во Емиратите неодамна со што мадриѓаните го заокружија историскиот потфат да ги одбранат најзначајните пехари – прво во ЛШ, па во УЕФА Суперкупот и сега на клупскиот Мундијал.

Барса има 11 бода предност и меч повеќе од Реал и победа вечерва би била огромен исчекор на титулата, затоа што тешко за верување е дека „кралевите“ ќе направат такво чудо да надополнат 14 бода предност. Затоа и од четата на Зинедин Зидан, која две години по ред го покорува Стариот континент и светот се очекува да го покажат своето најдобро лице, а Ла Лига да ја направат суперинтересна во пролетниот дел.

„За победа мора да доминираме со топката и со играта. Најважно е да играме и да диктираме темпо, а кога ќе се укаже можност да реализираме, како и да ги намалиме бројот на нивни шанси. Победа секако би била голем исчекор, но не и завршен од кон титулата. Ќе има уште да се игра, зошто треба да се респектираат и другите ривали како Атлетико Мадрид и Валенсија“, вели Андрес Иниеста, еден од моторите на каталонскиот тим.

Под поголем притисок денеска ќе биде домаќинот, Реал Мадрид, зошто по победата над Севилја, кој е најдобар меч на „кралевите“ есенва во домашното натпреварување, врвната форма надополнета со самодовербата по освоената светска круна ќе мора да ја демонстрираат на најважниот меч во годината. Победата над „вечниот ривал“ уште повеќе ќе го намали притисокот, но и тензијата во тимот, откако низа неуспеси го однесоа мадридскиот великан на голема негатива во однос на Барса.

„Не сме нервозни, само мора да размислуваме како да одиграме добар меч, а не дали имаме 11, осум или 25 бода помалку. Мора да одиграме добар меч против многу добар тим. Без сомнение ова е најтежок меч во сезоната, затоа што дуелите на Реал и Барса се убави, ама многу тешки. Нас сето тоа не испирира, затоа што играчите живеат за овие мечеви“, вели Зидан, тренерот на „кралевите“.

Едно е јасно дека победа во „ел класико“ е бура во два правци – победникот добива уште поголем залет, а за поразениот најава за криза и преголем притисок по кој честопати се влекува во негативна серија. Од дербито, веројатно со реми позадоволна би била каталонската гордост. (Крај)

извор: Спорт1.мк фото: архива

scroll to top