мај 10, 2024

Талин, 10. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните на Естонија во иднина ќе можат да гласаат на избори од нивните мобилни уреди, како смартфони и таблети, откако тамошниот парламент усвои закон за стандардизација на овој процес. Ова нема да биде можно на претстојните избори за Европскиот парламент зашто законот ќе стапи на сила во октомври.

Онлајн гласањето е возможно во Естонија од 2005, во што оваа балтичка земја е пионер, но тоа досега беше регулатива контролирана од Национален изборен комитет и Државната изборна комисија. Со новите амандмани на изборниот закон, регулативата ќе стане закон откако врховниот суд направи анализа на проблемите со кои досега се соочи електронското гласање.

На парламентарните избори во март 2023, повеќе од половина избирачи гласале по дигитален пат. Со новиот закон, Естонија ќе стане првата земја на светот во која ќе може да се гласа и преку смартфон.

– Новата регулатива ја зема предвид промената на потрошувачкото однесување на граѓаните. Значаен дел од секојдневните дигитални активности на луѓето се префрли од компјутери на паметни уреди, а ‘е-Естонија‘ мора да биде достапна за секого на овие нови и широко распространети платформи, рече министерот за економија и информатички технологии Тит Русало. (Крај)

извор: Сакам да кажам фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука