Етно составот Монистра ќе настапи на првото издание на Етно фестивал Охрид 2022

Охрид, 20. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – За прв пат оваа година, на 27-ми и 28-ми април, ќе се одржи Етно фестивал Охрид 2022.

Честа за настап на првата фестивалска вечер ќе ја има етно составот Монистра. Со овој Голем јубилеен концерт,ќе биде означен почетокот на нивната турнеја низ Македонија по повод 20 години нивно постоење на македонската музичка сцена. Втората фестивалска вечер ќе биде во знакот на традиционалните народни носии од сите краишта на Македонија, чиј колекционер е Антонио Стојчески. Исто така, свој настап ќе имаат ученици од насоката за национална песна и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ од Скопје, информираат организаторите.

Првата фестивалска вечер, на 27-ми април започнува во 20:00 часот, а втората вечер ќе започне во 19:30 часот, на големата сцена при НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид.

Организатор на Етно Фестивалот Охрид 2022 е здружението за интегриран развој Арт Пријатели од Охрид, а се одржува со поддршка на Општина Охрид. Влезот за сите посетители е бесплатен, а на настанот ќе бидат запазени сите здравствени мерки и протоколи за заштита од Covid-19 за организирање настани и концерти. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

scroll to top