Москва, 2. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – На спектакуларната церемонија во Кремљ во Москва фудбалските ѕвезди ги одредија групите за Светското првенство во 2018 година во Русија, во кое на прв поглед нема група на смртта, иако балканските репрезентации ќе имаат јужноамерикански предизвик.
Хрватска можеби има најмалку среќа – се падна во групата Д, со Аргентина предводена од Лионел Меси, репрезентацијата што беше пред неа во квалификациите, Исланд, и секогаш незгодните Нигеријци. Бразил, пак, ќе има два европски противника – моќната Швајцарија и Србија, како и претставникот од Северна Америка, Костарика.
Домаќинот Русија ќе го отвори шампионатот против Саудиска Арабија на преубавиот „Лужники“, а во својата релативно „лесна“ група ги има уште Уругвај и инспирираниот Египет предводен од Мохамед Салах.
Групата Б носи ибериски дуел меѓу Португалија и Шпанија, заедно со Мароко и Иран, чиј тренер е Карлос Кеирош, Португалецот што има доста искуство со работа во Шпанија.
Англичаните можеби ја добија „најлесната“ група, каде што, освен полниот тим со ѕвезди на Белгија, тука се и Панама, како и Тунис. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива