јануари 4, 2017

Скопје/Струга, 4. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Денес на прес конференција во Скопје, Општина Вевчани а презентираше програмата за претстојното издание на Вевчанскиот карневал 2017.

Главна атракција за годинешниот карневал ќе бидат женскиот бенд од Нови Сад „Фрајле“. Од домашната сцена ќе настапат дуото ДНК и групата Нокаут, додека од фолк сцената, посетителите и туристите ќе ги забавуваат Анета Наковска и Ефто Пупиновски.

Годинава, музичката и промотерска продукција „Пасворд” е организатор на музичкиот и на забавниот дел на карневалот. Музичкиот дел почнува на 12 јануари, од 21 часот.

Гостите на карневалот ќе ги забавуваат аренби дуото ДНК, женската четворка од Нови Сад “Фрајле”, и за крај, групата “Нокаут”.

На 13-ти јануари во 13 часот е традиционалното дефиле на маските, кое ќе трае цело попладне, а потоа ќе следи вториот музички ден. Од 21 часот ќе пеат Анета Наковска и Ефто Пупиновски.

Вевчанскиот карневал завршува на 14 јануари со традиционалното палење на маските.

На презентацијата на програмата присуствуваа заменик министерот за култура, Драган Недељковиќ и градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриновски.

Градоначалникот Угриновски потсети дека еден од најпознатите настани во Вевчани е Вевчанскиот карневал. Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години.

– Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи. Традиционално, учесниците се обидуваат да избегнат воведување на современи карневалски елементи, но сепак во последните години во организација на Општината и Министерството за култура, се воведува ред во овој инаку хаотичен вонвременски настан. На вечерта спроти Василица, штом се спушти ноќта, горномалската и долномалската тајфа василичари тргнува во обиколка на куќите. Големите желби за плодна и среќна година и донесената веселба домаќините ги наградуваат со парче леб, неготвено месо и згора на тоа пари. На вевчанскиот карневал познат е обичајот „Крштевање вода во извор“ во водите на познатите вевчански извори. Тоа се прави кога негде ќе се расцути муграта под налетот на зората во два или три часот наутро, на 14 јануари, на Василица, кажа на прес конференцијата градоначникот Угриновски.

Учесници се околу 1.500 василичари. Попатно на поворката се придружуваат соселани од сите селски маала кои се упатуваат кон изворите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Пасворд

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука