февруари 16, 2023

Некогаш во едно село дошол странец, кој добро знаел дека во околината живеат илјадници мајмуни. Им понудил на селаните по 10 евра за секој мајмун што ќе го фатат за него.

Селаните веднаш и со ентузијазам ја прифатиле понудата на странецот и тргнале во лов на мајмуни. Странецот од нив ги купил стотиците мајмуни што ги фатиле и ги сместил во посебно изградени кафези.

Кога бројот на мајмуните малку се намалил, селаните престанале да ги ловат.

Странецот тогаш ја подигнал понудата и плаќал по 20 евра за секој мајмун. Селаните повторно тргнале на лов, без двоумење. Бројот на мајмуни дополнително се намалил и луѓето повторно се вратиле на земјоделството и секојдневниот живот.

Странецот ја зголемил понудата на 25 евра, но со текот на времето останале толку малку мајмуни, што било речиси невозможно да се најдат.

Странецот излегол со нова понуда. На селаните им понудил 50 евра за секој мајмун!

После некое време, тој им кажал на селаните дека мора да отпатува некаде и го овластил својот асистент во негово име да ги купува мајмуните.

Бидејќи газдата не бил таму, асистентот ги собрал селаните и им соопштил:

– Ги гледате ли сите овие мајмуни во кафези што ги собра мојот шеф. Јас ќе Ви ги продадам по 35 евра секој и кога газдата ќе се врати во селото, можете да му ги продадете по 50 евра, им порачал во „доверба“.

Селаните го сфатиле сериозно и почнале да се организираат. Ги собрале сите свои тешко заработени заштеди и ги купиле сите мајмуни.

Никогаш повеќе не го виделе ниту странецот ниту неговиот помошник, останало само село полно со мајмуни.

Ако помисливте сега на сите тажни приказни кои ги знаете за кредити, банки, брзи и малку побрзи заеми, сосема сте во право. Можеби сега на сите ќе ни биде полесно да ги разбереме приказните за „причините за светската финансиска криза“, но сигурно ќе ни биде совршено јасно дека се работи за приказна за мајмуни.

Не знаеме кој е авторот на приказната, но јасно е кои с(м)е мајмуните…

ЖивоТ на OhridPress со најубавите и најинспиративните животни приказни и мудрости.

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука