мај 3, 2023

Струга, 3. мај 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од Месната заедница на селото Вишни, Здруженијата на граѓани „Св. Спаса Вишенска“ и „Св. Атанасие“ и Здружението за екологија и туризам „Екотуризам 2016“ од Охрид преку јавно обраќање до јавноста информираат за масовната и безмилосна илегална сеча на шумата од идниот Национален парк „Јабланица“.

– Сечата добива на интензитет во изминативе месеци во атарите на селата Вишни, Радолишта, Франгово, Лабуништа. Речиси и да нема педа од Јабланица во која не продреле шумските мафијаши. Шумската полиција е немоќна и не реагира, шумското стопанство одамна кренало раце, а највредните букови шуми исчезнуваат и се нанесува огромна штета на екосистемите и на државата. Во изминативе години и месеци испратени се безброј реакции и претставки до надлежното министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство, за по извесен период, во 2020 година да добиеме одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање во кој нé известуваат дека шумско-културни работи ќе се изведуваат само во атарите од селата Радолишта и Франгово, според Посебниот план за стопанисување со шумите во ШСЕ Ќафасан-Јабланица во периодот од 2019 до 2028 година. И покрај тоа речиси и да нема ден на патот Долна Белица-Вишни-Струга да не поминат натоварени камиони со бесправно исечени дрва. Ова уште повеќе што за интересот на малкумина страда цела Јабланица, во време на енергетска криза кога луѓето одвојуваат баснословни суми за легално да купат огрев, информираат во дописот.

Потсетуваат дека иницијативата за прогласување Национален парк е од месните заедници на подрачјето на планината Јабланица, како и од невладиниот сектор, а истата е прифатена и од градоначалниците на општините Струга и Вевчани.

– Владата ја поддржа иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк на 116-та седница, во 2022 година. Воедно апелираме Студијата за валоризација на природните и социо-економските вредности да се ревидира и да се дополни во најбрз можен рок, за да може процедурата за прогласување на национален парк да се забрза. Затоа бараме, сите надлежни органи ургентно да ја сопрат бесправната сеча и пустошењето на шумските екосистеми на Јабланица. Само на тој начин државата ќе може да ги заштити ретките природни богатства од неконтролираното искористување и уништување. Пустошењето и сечењето на шумата е закана од ерозија на земјиштето на планината, а тоа е аргумент плус, зошто државата треба да поведе грижа и да стави крај на ваквата анархија. Доколку бесправната сеча не престане, секојдневно ги ќе стопираме со жива сила сите камиони кои пред наши очи пренесуваат бесправно исечени дрва на патот Долна Белица-Вишни-Струга, реагираат во дописот до јавноста. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука