јануари 26, 2023

Лабуништа, 26. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Претставници на Месната заедница на селото Лабуништа и Здружението „Натура лаб“ денеска остварија средба со Вицепремиерот во Владата на Република Македонија Артан Груби и министрите Крешник Бектеши и Јетон Шаќири во насока на изнаоѓање решение за актуелниот проблем со каменоломите.

– На средбата беше пренесена пораката дека Лабуништа итно, бескомпромисно треба да биде ослободено од каменоломите и воедно беа приложени докази за законски прекршувања кои се основ за одземање на концесиите. Владата, особено министерот Бектеши како надлежен беше запознат со претставките и потенцира дека детално е запознат со проблемот во Лабуништа. Уверуваше дека ќе следи вонредни инспекциски надзор, а резултатите ќе бидат во краток рок. Да напоменеме, во моментов решение за одземање на концесии или дислокација нема. Од нас како претставници и од жителите на Лабуништа побараа воздржаност, во разумен рок да ги препуштат институциите во спроведувањето на потребните мерки, информираат од „Натура лаб“.

Жителите на Лабуништа на 22-ри овој месец ја одложија одлуката за бојкот на наставата поради актуелниот проблем, а на 29-ти декември 2022 година излегоа на протест на кој јасно порачаа дека цврсто и заедно стојат на барањето за затворање на двата каменоломи.

– Стоп за каменоломите. Денешниот глас беше глас на народот. Народот кажа НЕ за каменоломи, НЕ за уништувачи на нашето Лабуништа, порачаа на протестите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука