мај 3, 2018

Атина, 3. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со штрајк, затворени продавници и протести, жителите на Лезбос ќе го пречекаат Алексис Ципрас, кој под силни безбедносни мерки попладнево ќе пристигне на островот за да се обрати на конференција за продуктивна реконструкција на островите во северниот дел од Егејското море.

Зголемување на ДДВ-то и ситуацијата со мигрантите и бегалците, се главните причини жителите на островот, да организираат демонстрации за време на посетата на Алексис Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.

Од вчера, на Лезбос се одржува Регионална конференција за островите од северниот дел на Егејското Море, а грчкиот премиер во 19.30 часот ќе има обраќање. Половина час порано, закажан е и протестот на централниот плоштад во Митилини, главниот град на островот.
Според локалните медиуми, Лезбос е веќе под силни безбедносни мерки, полицајци од Солун, Атина и околните острови, претставници на грчката разузнавачка служба и на антитерористичката служба веќе се наоѓаат на островот а некои, драконските мерки, ги споредуваат и со оние при посетата на островот на Папата Франциско.

Весникот „Катимерини“, пишува дека делот околу објектот каде што Ципрас ќе го одржи говорот ќе биде затворен 3 часа претходно.

Жителите на Лезбос ќе протестираат поради укинување на намаленото ДДВ од 17 отсто, кое од 30 јуни ќе биде исто како и низ цела Грција, односно 24 отсто, но и поради проблемите со бегалците и мигрантите.
Според официјалните податоци од грчката влада, испратени вчера до новинарите, на островот има 8849 бегалци и мигранти, од кои 6795 се во прифатниот центар Морија што е со капацитет од 3000 места.
Доколку се анализираат податоците што секојдневно се испраќаат до медиумите, во изминатите 10 дена, односно од 22 април до 1 мај, на Лезбос пристигнале 728, бегалци и мигранти. (Крај)

извор: Локално фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука