Започна главната расправа, на Угреновиќ ќе му се суди во отсуство

Охрид, 28. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Конечно започна главната расправа на осмото рочиште од повторениот судски процес за убиството на младиот охриѓанец Димитар Матилоски.

Кривичниот совет на охридскиот Основен суд на 16-ти ноември донел одлука на обвинетиот Бојан Угреновиќ да му се суди во отсуство, па судијката Весна Кичеец констатира дека се исполнети услови за одржување на расправата. Јавниот обвинител кажа дека останува на листата на докази во обвинителниот акт.

– Јавниот обвинител ќе го запознае судот со настаните кои се случувале во и пред кафе барот „Табана“ за дочекот на новата 2016 година. Ќе му докажеме на судот дека обвинетиот бил свесен за дејствијата што ги преземал и сакал да ги преземе со цел да го лиши од живот. Оштетеното семејство очекува разрешница, некаква сатисфакција,ако воопшто може така да се нарече, рече обвинителот Стојанчо Арнаудовски.

Тој во воведниот говор потенцира дека ќе го уверат судот дека повредите врз Матилоски се нанесени со директни удари од обвинетиот, а фатален бил ударот што му го задал во долната уста, кај средишниот дел од брадата.

Бранителот на Угреновиќ, адвокатот Емил Балабан кажа дека останува на листата на докази предложени од неговиот претходник Донче Наков. Тој изрази жалење за немилиот настан. Според Балабан обвинението е неосновано и смета дека со предложените докази ќе се утврди неоснованоста.

На денешното рочиште како сведоци на обвинителството беа сослушани четворица сведоци, тројца од нив работно ангажирани во кафе барот пред кој се случи настанот, како и другар на Димитар, кој бил заедно со него на дочекот на новата година. Другарот воопшто не забележал нешто чудно или невообичаено во однесувањето на Димитар таа вечер.

Немилиот настан се случи на Новогодишната ноќ 2016 година кога Бојан Угреновиќ од Краљево, на смрт го претепа Димитар во строгиот центар на Охрид. На првиот судски процес, тој беше прогласен за виновен и му беше изречена затворска казна во времетраење од 16 години. Пресудата беше обжалена од одбраната, по што Апелацискиот суд од Битола побара повторување на процесот. Со оглед на тоа што истече максималниот законски рок за притвор, Угреновиќ, со одлука на судот на 27-ми јули беше пуштен на слобода.

Кривичниот совет потоа донесе решение за изрекување мерка на претпазливост за обвинетиот, забрана за напуштање на привременото престојувалиште, хотел „Амбасадор“ во Скопје, а во отсуство му беше одреден и нов притвор. Но, досега судот нема добиено известување од СВР Скопје дали Угреновиќ е пронајден.

Согласно најновата одлука на Кривичниот совет на охридскиот Основен суд на Угреновиќ да му се суди во отсуство, продолжи повторениот судски процес.

Продолжението на главната расправа судијката го закажа за 19-ти декември, кога ќе продолжи распитот на сведоците од страна на обвинителството. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

scroll to top