септември 2, 2019

Охрид, 2. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до 6-ти септември во Трпејца ќе се одвива второто издание на Меѓународната уметничка колонија „Трпејца 2019“.

Манифестацијата е под покровителство на општина Охрид, а во организација на Здружението „За Трпејца со љубов“. Годинава на колонијата ќе учествуваат шест уметници од кои четворица доаѓаат од соседните балкански држави.

Во Трпејца заедно со домаќините – уметниците Ѓоко Симјаноски и Свето Стефановски ќе творат и гостите: Дражен Конатар од Бјело Поле, Црна Гора, Јовица Костиќ од Ниш, Србија, Ѓорѓи Андонов од Ќустендил, Бугарија и Петрит Лараку од Поградец, Албанија.

Колонијата ќе има и едукативен карактер. Едно претпладне уметниците ќе творат заедно со учениците од подрачното училиште „Св. Наум Охридски“ во Трпејца. Учесниците на колонијата ќе сликаат и на отворено, а домаќините ќе им организираат посети на Свети Наум и Охрид.

Ова лето во рамките на манифестацијата „На зајдисонце“ во Трпејца беше организирана изложба од создадените дела на првата колонија одржана минатиот септември, а публиката можеше да ги види делата на Гоце и Владимир Илиески, Свето Стефановски, Ѓоко Симјаноски и Слободан Пупиноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука