Охрид, 30. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Пред нас е највеселиот викенд во годината, кој во Охрид оваа година се прославува преку проектот „Од 20-ти до 20-ти СИТЕ ВО ОХРИД“. Новиот начин на прослава на Нова година и празниците за денес предвидува богата програма.
Од 12:00 до 13:00 часот во рамките на сегментот „Од СРЦЕ за Охрид“ ќе се одржи посебна забава за најмладите со учество на најдобрите на детските фестивалчиња и посебна програма на дечињата од ОУ „Кочо Рацин“.
Во терминот од 13:00 часот за прв пат ќе се одржи трка на Дедо мразовци. Стартот на трката која ќе се одржи на кејот е пред хотелот „City Palace“. Целта е на Градскиот плоштад, каде во посебно уредената дрвена куќичка ќе се доделат наградите за најдобрите.
Во вечерниот термин, во рамките на „Охридскиот новогодишен викенд“ предвидена е посебна предновогодишна програма во Центарот на градот. Програмата ќе започне во 19:00 часот, а водител и задолжен за делот со хуморот ќе биде познатиот радио и Тв водител Жанко ЗШ Голабоски.
– Програмата започнува со настапот на Dj Јана Ѓорѓиевска од 19:00 часот, по што следува дел хумор и сетот на Dj Јане. Емилија Петровска и Билјана Буџаковска од Ohrid SUPERSTAR се следни по што ќе настапи и познатиот музичар Мартин Мила со посебно одбрана новогодишна програма. Предновогодишната програма вечерва ќе биде збогатена со мини Баскер фест, посебна програма во Центарот на градот со уличен театар под отворено небо како надополнување на музичката програма, информираат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива