април 15, 2022

Скопје/Охрид, 15. aприл 2022 (ОХРИДПРЕС) – Околу 70-80% од туристичките капацитети во Охрид се веќе закупени за претстојните велигденски и првомајски празници, изјави првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) Љупчо Јаневски.

За продолжените празнични викенди покрај домашните и од регионот, се очекуваат и странски гости. Покрај тоа истакна дека се потпишуваат и аранжманите за претстојната летна сезона.

– Се надеваме дека со иницијативата „Отворен Балкан“ ќе ја воведеме долгоочекуваната авиолинија Белград-Охрид, а догодина ќе ја овозможиме и линијата Софија-Охрид и Охрид- Варна, рече Јаневски.

Бројот на туристи во Охрид во 2021 година бил поголем од 2019 година, исто така и бројот на остварените ноќевања, со што всушност е надмината последната релевантна година во туристичкиот сектор, 2019-та. Ова покажува дека самиот регон има многу поголеми можности за туристи кои може да не посетат.

Нема достапен опис

Јаневски очекува годинава да се зголеми бројот на турските туристи за 20-30%, натамошен раст на српските гости, како и драстично зголемување за 100 или повеќе проценти на холандските туристи.

– Во 2022 ќе имаме и повеќе чартери. Од средината на мај од Холандија, во јуни од Полска, кон крајот на мај стартува новата линија Тел Авив – Скопје, во почетокот на јуни и новата линија Измир – Скопје, а се очекува и уште една нова линија, а тоа е Марибор – Скопје. Еден од холандските тур-оператори најави дека во јуни ќе има четири чартери, во јули и август се надева дека ќе воведе и петти чартер, односно 80-100 чартери во текот на сезоната што е одличен сигнал за другите дестинации и големите тур-оператори дека земјава е сигурна дестинација. Поголем број туристи очекувам и со рестартирање на WizzAir линиите, истакна Јаневски.

Подвлече дека годинава очекува 2,5 милиони ноќевања и над 400 милиони долари директен прилив од туристичкиот сектор во домашната економија. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука