август 12, 2019

Охрид, 12. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – Здравствен дом Охрид со сопствени средства набави ново современо возило за Итната медицинска помош (ИМП).

Амбулантното возило е со комплетна медицинска опрема и вкупната вредност на возилото изнесува 4.6 милиони денари, соопшти Министерството за здравство.

– Работиме на унапредување на примарната здравствена заштита, со подобрување и обновување на медицинската опрема и возниот парк на Итната медицинска помош. Со ова возило ќе ја подигнеме ефикасноста на ПЗЗ, особено во летниот период кога во нашиот град има зголемен број туристи, истакна директорката на Здравствен дом Охрид, Ајсел Зејноска, пренесе Вечер.

Во Здравствениот дом, покрај возилото е набавено уште едно патничко возило за патронажната служба, работни униформи, обувки, како и два ЕКГ апарати (12-канални), стоматолошки стол, стерилизатор, апарати за крвен притисок и поголем број стетоскопи, што придонесува кон натамошно унапредување на условите за работа во ЗД Охрид. Исто така, во изминатиот период се реализирани 16 вработувања во оваа установа, од кои осум се на неопределено време, додека на останатите осум, во периодот што следува ќе им биде трансформиран работниот однос од определено на неопределено време. (Крај)

извор: Вечер фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука