декември 6, 2019

Охрид, 6. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Студентите се во заблуда, со предлог-законот за измена и транформација на Универзитетот за информатички науки и компјутерско инженерство „Свети Апостол Павле“ од Охрид, не се укинуваат студиите, изјави за Супер радио и OhridPress пратеникот Рубин Земон, кој е еден од предлагачите на предлог законот.

– Студентите си продолжуваат на оние насоки на кои се запишани. Се прави внатрешна реорганизација на Универзитетот и тоа е право на Собранието, бидејќи Собранието е основач на Универзитетот. Нема да има никакви последици за студентите. На 11-ти декември предлог законот ќе е во собрание, ќе има јавна расправа, амандмани, па второ читање, рече Земон во изјава за Супер радио и OhridPress.

Пред два дена Студенскиот Парламент при УИНТ „Свети Апостол Павле“ преку допис до медиумите информираа дека се против предлог-законот за измена и транформација на Универзитетот.

– По разгледување на предлогот од страна на Студенскиот Парламент (одговорен за застапување на правата и интересите на сите студенти при Универзитеот) забележано е дека: не постои правен основ на кој може да се изврши таков тип на трансформација како што е предложено во овој предлог-закон, наведениот предлог-закон предизвикува неколку месеци неактивност на универзитетот во целост, предлог законот не предвидува ниту еден факултет од областа на Компјутерските Науки и Инженерството, а со тоа се врши и повреда на стекнатите права на веќе запишаните студенти како и правна несигурност на идните генерации. Најголема последица со овој предлог-закон би сноселе сегашните студенти кои се запишале на факултетите дел од Универзитетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство „Свети Апостол Павле“ Охрид, а би завршиле како студенти на факултет за Применета Информатика и Хуманистика со што би го изгубиле статусот на инженери во целост, стои меѓу другото во дописот.

Од Студенскиот Парламент информираа дека доставиле и петиција против предлог-законот до македонското Собрание, Владата, МОН како и координаторите на пратеничките групи во Собрание, со прилог потписи на сите студенти дел од студиите на овој Универзитет.

Велат дека доколку не биде прифатено нивното барање за отфрлање на предлог-законот ќе бидат приморани да излезат на масовни протести, каде ќе ги вклучат и медиумите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука