септември 21, 2022

Охрид, 21. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Магијата на фотографијата ме освои уште од средношколските денови. Секоја фотографија во себе носи по некоја животна приказна. Нема рецепт за добра фотографија, едноставно се случува, вели Зоран Вељаноски- Летра, кој е дел од „Охридските приказни“, кои во текот на септември ќе се раскажуваат во охридското „Форт кафе“.

– Охрид е прескапоцен, преголем е за нас, волшебен сам по себе. Во моите спомени, носталгично е вткаен во секоја клетка од моето битие. Сакам да биде модерен, ЕКО ориентиран, град со концертна сала, град со галерии за изложби, за уметници, сликари, фотографи, град кој ќе има простор за промоции на книги. Тоа е она што најмногу му го посакувам на мојот Охрид, вели Вељаноски- Летра.

Интервјуто е најава за уште едно уникатното доживување кое ќе се одржи во „Форт кафе“. После 8 години од последната изложба на фотографии во Охрид и 22 години од првата самостојна изложба, на 22-ри септември 2022 година, во 19:00 часот, во „Форт кафе“ ќе се одржи изложба на фотографии од едицијата „Мојот магичен град“, со музичка поддршка на Маестро Џеват Рамаданоски, охридскиот звук на виолина.

Зоран Велјаноски- Летра е визуелен уметник на нашето време. Со своите фотографии учествува на изложби ширум светот и добива награди и признанија, во Чешка, Франција, Јапонија, Кина, Португалија, Русија, САД каде го претставува Охрид како град на уметноста, зошто Охрид сам по себе е уметност. Космополитизмот на Охрид и стекнувањето на пријатели низ светот се потврдени и преку објавувањето поштенска марка во Франција со ликот на охридскиот фотограф Зоран Велјаноски- Летра.

З’ш Охрид е градска приказна…

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука