јуни 2, 2017

Охрид, 2. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Toj важи за еден од најдобрите тапанари во регионов. Рок и хеви метал бендовите од регионот за него велат дека е еден од најдобрите студиски техничари и префериираат своите песни и албуми да ги снимаат во неговото „Кречо sound“ студио.

Тој е Зоран Кречо, а неодамна заедно со Анита Мицова ја делеа менторската задача, да се потрудат да ги уловат првичните грешки кај кандидатите на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR, потоа да поработат малку со нив и да им дадат совет плус, пред тие официјално да се претстават на сцената.

За новите искуства на Зоран Кречо од снимањето на шоуто, прочитајте повеќе во интервју за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Важиш за еден од најдобрите студиски техничарии еден од најдобрите тапанари во регионов, а недамна својата биографија ја збогати со ново искуство. Беше ли предизвик да се скрши мразот од непознатото и да се прифати менторската задача на првото талент шоу Ohrid SUPERSTAR?

Кречо: Благодарам на комплиментите, но не би рекол „најдобар“ за себе … еден од многуте, учам сеуште. За менторската задача, секако дека беше предизвик, со оглед на тоа дека не сум прател некое вакво слично шоу. Но за кратко се најдов на познат терен.

superstarfinale6Супер радио: После секој настан впечатоците се тие кои остануваат долго да траат. Какви се впечатоци од твоето менторство и целосно од крајниот продукт Оhrid SUPERSTAR?

Кречо: Возбудата кај учесниците беше преголема, што е разбирливо за ваков голем настан, па и советите од менторите можеби имаа дополнително оптеретување врз натпреварувачите, па затоа не беа во можност целосно да ги имплементираат во настапите. Во секој случај, Оhrid SUPERSTAR е големо искуство и школа за сите што учествувавме, а и за тие допрва што ќе  учествуваат.

Супер радио: Колку е значајно да се случуваат настани од ваков формат и ги има ли доволно кај нас?

Кречо: Се што ќе го зголеми ентузијазмот за креација, експресија, усовршување, посебно кај младите е од големо значење. Дефинитивно имаме потреба од надградба.

zorankrecostudioСупер радио: Луѓето за тебе велат дека си перфекционист и кога свириш и кога снимаш во студио. Може ли да се каже дека перфекционизмот е тој кој води до врвен квалитет? И што мислиш дека беше клучно за да се постигне успех на едно вакво талент шоу?

Кречо: Клучно за да се постигне успех беше талентот и работата, поткрепени со искуство. Перфекционизмот не е битен, важна е мотивацијата.

zorankrecotapaniСупер радио: Важиш за еден од најдобрите тапанари во регионов. На која возраст прв пат се сретна и веројатно се заљуби во инструментот?

Кречо: Во МТВ, „без-интернетното“ време, на 15-16 години, картонските кутии ми беа ТАМА од Ларс Урлих и Тим Александер… Имав и еден касетофон (Австралијанец), служеше за „кинење“ песни…

zorankrecokameleonСупер радио: Со задоволство те слушаме кога настапуваш со бендот Камелеон. Ама наврати се малку назад. Од кои се бендови беше дел во минатото? Можеш ли да се навратиш на твојата прва свирка, твојот прв бенд?

Кречо: Алтер Его, претходницата на Фронтал Кортекс ми беше прв бенд, но по кратко време настана Babyfaces Klan поткрепен со доста свирки по кафе баровите. После последните 2 тостови заработени со последната свирка, поделени на четворица, свечено се оформува групата Кожи Дебели, која и до денес ја одржуваме со повремени собиранки во студио. Едно време се подруживме со електронска музика со Ден Потоа, а веќе паралелно бев член на Камелеон. Клаудиа 4 е исто така актуелна група со многу позитивна енергија, во која придонесувам и јас.

zorankrecokozidebeliСупер радио: На Barel Row и High Voltage, двата бенда кои ги гледавме до полуфиналето на шоуто, одлучи да им подариш во твоето „Кречо Sound“ студио да снимат по една песна. Влегоа ли момците во студио да снимат?

Кречо: Со Barel Row веќе сме на микс фаза, значи снимен е материјалот, а од High Voltage добивам редовни рапорти како течат пробите, па кај и да е ќе се подружиме и со нив во студио. Многу битно е да се нагласи фактот дека со двете групи работиме на авторски песни.

Супер радио: Впечатокот е дека кај нас ова е време на рок бендовите. Се почесто низ ноќните клубови слушаме бендови, се помалку Дј-и. Може ли да речеме дека живееме во рокерско време?

Кречо: Па… добро си ги пратиме трендовите.

zorankrecostudio1Супер радио: За крај, што во овој момент се „крчка“ во твоето студио „Кречо Sound“ и кои се твоите идни предизвици?

Кречо: Моментални проекти: Кожи Дебели, Каин, Scattered, Vehementor, Melissa, Zoran Stefanoski, Backdoor Band. Идни предизвици: Кожи Дебели, Камелеон, Hardfaced итн… (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука