март 13, 2023

Стразбур, 13. март 2023 (ОХРИДПРЕС) – Известувачката на Европскиот парламент за Косово, Виола фон Крамон, изрази силна надеж дека ќе се постигне договор меѓу Косово и Србија на 18-ти март во Охрид, каде што ќе се одржи следната средба на високо ниво во рамки на меѓусебниот дијалог.

Фон Крамон на Твитер напиша дека овој договор би бил важен чекор за европската интеграција на двете земји.

Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ се очекува да се сретнат на 18-ти март во Охрид за да го потпишат француско-германскиот или европскиот договор што го договорија на 27 февруари во Брисел.

Инаку, специјалниот претставник на Европската Унија за Западен Балкан Мирослав Лајчак денеска ја започна посетата на Белград, а доаѓа по минатонеделната на Приштина.

Според најавите, Лајчак ќе оствари средба со претседателот на Србија Александар Вучиќ. Тој и со српските власти ќе разговара за патоказот за имплементација на Спогодбата за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија. (Крај)

извор: Опсервер/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука