Издадени превентивни мерки за општините поради најавата за врнежи од снег

Скопје/Охрид, 4. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Управувачкиот комитет за кризи донесе повеќе подготвителни превентивни мерки во врска со најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за врнежи од снег и многу ниски временски температури на територијата на Република Македонија во наредните денови.

Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити рече дека тимови на организацијата ќе патролираат низ повеќе патни правци.

– На патните правци Скопје-Охрид и Скопје-Крива Паланка нашите тимови ќе бидат дежурни наредните денови. Се формирани прифатни пунктови за болни и бездомни лица, односно центри во Кичево, Гостивар, Куманово и Крива Паланка евентуално ако дојде до застој во сообраќајот да излеземе во пресрет, додаде Саити.

Ниските температури и појавата на врнежи од снег може да создаде определени ризици кои се класифицирани како ризици во поглед на снабдувањето со електрична енергија, движењето односно сообраќајот, ризици по здравјето и водоснабдувањето, велат од Управувачкиот комитет за кризи. Управувачкиот комитет донесе заклучок со кој компанијата ЕВН треба да формира тимови кои ќе бидат со зголемена мобилност и зголемена оперативна подготвеност кои ќе треба да реагираат во случај на нарушување на системот за снабдување со електрична енергија.

Им се препорачува на екипите на Јавното Претпријатие „Македонија пат“ да бидат во постојана оператива, готовност за реакција на определени критични точки кои постојат на патиштата.

Сите општини се должни да ги формираат своите кризни штабови во рамките на кои ќе вклучат претставници од Центарот за управување со кризи, на Дирекцијата за заштита и спасување и Министерството за внатрешни работи, да ги мобилизираат сите свои јавни комунални претпријатија, сите свои ресурси, капацитети кои би можеле да бидат од помош во справување со определени ризици кои би можеле да настанат.

Додека од Министерството за здравство, потенцираат, ако температурите бидат до минус 20, 21, 22, 23 степени, да се прогласи портокалова фаза или фаза на студен бран. (Крај)

извор: ОхридПрес/Нова Македонија/moh фото: архива

scroll to top