мај 16, 2017

Охрид, 16. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Вели дека првата награда на Ohrid SUPERSTAR била причината за да се пријави на шоуто. Ако ја добиел, планот бил да си купи „убо точаче“ и со кусурот да оди во слаткара и да им рече: „дајте ми трилече за сите пари“. Повеќе за Илија Богданоски или Илија од „ЗЗ Топ“.

Супер радио: Ти си млад човек, кој со полни гради го живее животот. Стенд ап комичар во најава, изработувач на популарните Бумеранг специјално брендирани шолји, цртач на графити, велосипедист или едноставно Ико од „ЗЗ Топ“. Кој е Илија Богданоски за сите кои не го познаваат?

Илија Богданоски: За да немат недоразбирање, Бумеранг шолјите се класични шолји за кафе, или чај, на кои испишувам рачно текст, а некогаш и цртам некое сличе на нив. Морав да напоменам, поради то шо еднаш една тетка ми побара да и нацртам шолја која би и одговарала со плочките во купатилото. Да се навратиме на Илија. Кој е тој?

Супер радио: Каде се` имаш настапувано пред Ohrid SUPERSTAR? Имаш ли претходно искуство со Стенд ап комедијата?

Илија Богданоски: Имам претходно искуство со СтендАп комедијата. Сум имал шанса два пати да настапувам во Џез Ин како загревање пред Никола Тодороски, и добив неочекувани позитивни реакции од публиката. Се надевам, а и би сакал почесто да сум на СтендАп сцената, па еден ден да имам едно свое шоу.

superstarvtoraeliminaciona2Супер радио: Кои се Стенд ап „идолите“ на Илија. Дали се тоа локални комичари или можеби црпиш искуства од светски познатите мастори на комедијата?

Илија Богданоски: Немам идоли, ама имам доста извори од кои црпам инспирација. Би почнал од општеството, локалните комичари, социјалните мрежи, исто така честата посетата на театарските претстави ми се извор на испирација, комедија филмовите, па се` до светски познатите стендап комичари како Еди Марфи, Крис Рок, Кевин Харт, Робин Вилијамс итн, и најголем извор на инспирација за пишување материјал ми е работното место каде што поминувам 1/3 од денот.

Супер радио: Комедијата или способноста да ги насмееш луѓето, иако изгледа навидум лесно, сепак е исклучително тешко. Активен си и на социјалните мрежи со коментари за актуелни настани во градот и пошироко. Тешко ли е да се соопшти ставот во едно вакво наелектризирано време како денешното, кога сите се поделени на сите можни и неможни начини?

Илија Богданоски: Воопшто не е лесно, барем според мене. Овде ќе цитирам еден „висок“ човек кој неодамна го запознав: „Тешко е да насмееш публика која е 80% подуховита од тебе“. Во врска со социјалните мрежи, активен сум, статусите и коментарите се моето „оружје“. Преку нив со хумор и сарказам го изразувам мојот став кон се`, ама стојам настрана од политиката.

ilijasoljaСупер радио: Она што сигурно започна како хоби, сега е нешто со што го исполнуваш слободното време. Кажи ни нешто повеќе за Бумеранг шолјите и како започна приказната со овој дел од твојот живот?

Илија Богданоски: Таа приказна започна пред околу една година, од изработка на сувенирски шолји, па сега се стремам кон брендирање на истите и проширување на асортиманот. Затоа, посетете ја Фејсбук страницата BoomerangMugs, па таму ќе прочитате и видите се` што би ве интересирало околу тоа.

ilijagrafiti1Супер радио: Со кои други видови на уметност се изразуваш себе си? Знаеме дека црташ и графити. Што те привлекува најмногу?

Илија Богданоски: Графитите т.е. урбаната уметност е тоа што најмногу ме привлекува. Го користам секој лист хартија за да нацртам некој графит, да извежбам некоја буква, некое карактерче. Ме исполнува кога ќе видам исцртани ѕидови, но уште повеќе ме исполнува кога јас ќе цртам на ѕид, што во последно тоа е многу ретко.

ilijagrafitiСупер радио: Талент шоуто Ohrid SUPERSTAR беше замислено да биде одскочна даска за младите од Охрид и Струга и нивна можност да биде виден нивниот талент. Дали долго размислуваше дали да се пријавиш и што беше пресудно за да го направиш истото – наградите или?

Илија Богданоски: Дааа! Првата награда ми беше причина за да се пријавам на ова шоу. Планирав да си купам убо точаче, и со кусурот да одам в слаткара и да им речам „дајте ми трилече за сите пари“. За мене шоуто беше едно големо искуство, а верувам и дека и за останатите исто така. Тоа беше една убава дружба каде што стекнав доста пријателства, убави моменти, смеење итн. Се надевам в година да се повторит.

Супер радио: Имавме 2,5 месеци дружба со останатите кандидати, организаторите, но и жири комисијата. Што ти остави најголем впечаток од целото шоу? Имаш ли забелешки на истото од било која форма?

Илија Богданоски: Генерално се` си помина во најдобар ред. Имам позитивен впечаток кон се`. Мило ми е што стекнав многу пријателства. Забелешки? Би издвоил само една. Бројот на пријавени можеше да биде поголем, затоа што во Охрид и Струга има многу повеќе таленти кои треба да бидат видени.

Супер радио: Гледачите во салата и оние зад малите екрани видоа само мал дел од шоуто. Сигурно беше многу интересно и зад сцената. Има ли нешто што ти остави силен впечаток, можеби некој настан, анегдота?

Илија Богданоски: Хаха. Најголем впечаток ми остави позитивноста околу целото шоу, па пинцетата која ја добив од Даниел и Александра, смоките кои ги добив од самиот продуцент, и постерот од Лепа Брена кој исто така го добив од водителите на шоуто. Пинцетата ми се најде во животов, а постерот…

ohridsuperstargrupa25Супер радио: Ти доби награда на Ohrid SUPERSTAR од организаторот, радио емисија на најслушаната локална радио станица – Супер радио. Дали си задоволен од наградата и каква емисија се подготвува. Дали веќе има начелни договори или?

Илија Богданоски: Да бидам искрен, не сум задоволен. Презадоволен сум. Не очекував дека ќе бидам избран за таа награда, и особено задоволство ми е што ќе бидам дел од тимот на Супер Радио. Во врска со емисијата, да, има некои договори, но уште се гради концептот на таа емисија, ќе дадам се` од себе за да биде интересна за слушателите.

Супер радио: Медиумската експонираност сега ќе биде далеку поголема. Дали си подготвен за она што претстои. Што, покрај образованието, Стенд Ап комедијата и уметничкото изразување преку шолјите останува голем дел од животот на Илија?

Илија Богданоски: Се „оштрам“ за се` што престои.

Супер радио: За крај, каде се гледа Илија после 5 години?

Илија Богданоски: Шо знам, да го прашам па да ви кажам. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука