март 30, 2018

Букурешт, 30. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Романската јавност е растревожена по извештаите за инцидентот во единствената нуклеарна централа во земјата.

Премиерот Виорика Данцила побара од контролните служби ги испитаат двата инцидента што изминатите денови биле регистрирани во централата „Чернавода“. Еден од двата нуклеарни ректори во „Чернавода“ вчера автоматски се исклучил од напојувањето со струја, по дефект на електричниот систем.

Од нуклеарната централа соопштуваат дека дефектот во електричната мрежа се појавил на 25 март, а реакторот се исклучил од системот за напојување вчера изутрина. Според претставници на „Чернавода“, не постои опасност по безбедноста.

– Специјални истражители се на терен и ги испитуваат причините. Ќе се изврши неопходна поправка во согласност со процедурите што важат за нуклеарните централи и такви ситуации. Во моментот нема електрична врска помеѓу „единицата 2“ од 25 март и автоматски исклучениот реактор – се наведува во соопштението на раководството на нуклеарната централа.

Покрај тоа, се посочува дека компанијата што управува со „Чернавода“, „Нуклеарелектрика“, првата мрежа ја исклучила во понеделникот изутрина, додека, истовремено, капацитетот на работа на другата единица во нуклеарната централа бил намален на 55 отсто. Од компанијата исто така уверуваат дека инцидентот немал влијание врз здравјето и безбедноста на работниците, населението и околината.

Романскиот произведувач на нуклеарна енергија „Нуклеарелектрика“, кој е во државна сопственост, има два реактора од по 706 мегавати во централата што се наоѓа во југоисточниот дел на земјата. Тоа е првата и единствена нуклеарна централа во Романија, а наедно е и најголемиот снабдувач со електрична енергија во земјата.

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука