јануари 11, 2017

Охрид, 11. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Организацијата околу големиот православен христијански празник Богојавление – Водици е во завршна фаза.

Сите заинтересирани потенцијални фаќачи за чинот на празникот можат да се пријавуваат во сите парохиски цркви, каде ќе се врши богослужба, каде ќе добијат насоки за положување на Чесниот крст.

Денес координативен состанок имаше телото кое е вклучено во целосната организација.

koorfinativnotelobogojavlenie

Како што велат од Дебарско – Кичевската епархија, еден од најмасовните и најпосетените празници во Охрид, треба да се прослави скромно и во духот на Македонската православна црква. Богослужби дента на Богојавление ќе има во сите парохиски цркви. Крстот ќе се фрла на Градското пристаниште во 10 часот.

– Предходно со Литија се тргнува од црквите. Сите верници заедно со свештениците ќе се упатат кон Градското пристаниште и ќе се положи осветениот крст во осветените води на Охридското Езеро. Поради ниските температури, можеби ќе има нешто помал број на скокачи оваа година, но сепак, предизвикот е поголем. Смислата на самиот празник и секој кој учествува, треба најпрво да ја посети црквата, па да присуствува на настанот. И секој оној кој се искапил, учествува во тој празник. За овој ден видно е присуството на верници во црквите. Предходниот ден е Водопост, ден предвиден за пост, каде секој верник не само што телесно пости, туку достоинствено треба и духовно да пости, вели Илија Ристески, претставник на Дебарско – Кичевската епархија.

На чесниот фаќач на крстот, епархијата симболично ќе му додели крст, додека Општина Охрид ќе го дарува со икона.

Претставници на институции, на Општина Охрид и поранешни фаќачи на Светиот крст, секоја година даваат поддршка во организацијата на овој настан.

sasodonev

– Целата манифестација ќе се одвива во неколку дена. Започнува на 17-ти јануари со видео – презентација на филм за пастрмката, потоа на 19-ти јануари е духовниот дел од манифестацијата, фрлањето и фаќањето на Светиот крст во водите на езерото. Традиционално на 20-ти јануари ќе го одбележиме и Денот на рибарите, каде што ќе се подготвува рибна чорба, а за посетителите ќе се служи вино и греена ракија, кажа Сашо Донев, претставник на Општина Охрид.

На пристаништето за ден Водици на сцената ќе настапи ансамблот Билјана Јуниор. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука