Календар на МПЦ: Свети апостол Аристовул

Охрид, 29. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го одбележуваат празникот посветен на Свети апостол Аристовул.

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Брат на светиот апостол Варнава. Родно место му е островот Кипар. Следбеник на свети апостол Павел, којшто во Посланието до Римјаните и го спомнува (16, 10). Кога великиот Павел поставуваше многубројни епископи за разни краеви на светот, тогаш го постави и Аристовул за епископ британски (англиски).

Во она време народите во Британија беа диви, неверни и сурови, а Аристовул од нив претрпе неискажливи маки, беди и пакости. Безмилосно го биеја, го влечеа по улиците, му се подбиваа и го исмеваа. На крајот, со силата на Божествената благодат, овој свет маж постигна успех.

Ги просвети овие народи, ги крсти во името на Господ Христос, изгради таму цркви, посвети свештеници и ѓакони и најпосле мирно се упокои во Господа и појде во Неговото Царство.

Тропар

Исполнет со благодат Христова, епископе свети Аристовуле, светило сјајно постана во земјата Британска. Смирено и трпеливо работејќи на нивата Господова, мноштво страдања и неволји помина исповедајќи Го секогаш Христа, затоа сега ти кој ликуваш со ангелите, погледни на нас грешните, и моли Го Бога за наше спасение. (Крај)

извор: Слободен печат фото: архива

scroll to top