декември 25, 2019

Охрид, 19. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Учениците од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“ по традиција подготвуваат хуманитарен настан во пресрет на новогодишните празници.

По десетти пат, концепциски и тематски различно, но со иста цел, да се помогне. Годинешниот настан е насловен „Гимназиска Евровизија“. Учениците предводени од професорот по латински јазик, Стефан Каневче се подготвуваат за концертот и ветуваат забава која ќе се памети.

– Годинава собраните средства од влезниците ќе ги намениме на повеќе места. Стандардно дел ќе одат за да се помогне на учениците кои тоа им е потребно за да ја релизираат завршната екскурзија, дел ќе ги насочиме кон Здружението на глуво-неми од Охрид, но и за лицата на кои во моментов им е потребна финансиска помош за лекување, рече Стефан Каневче, кој беше гостин во емисијата Radio Corner на Супер радио.

Околу деталите и идните планови за настанот, причитајте повеќе во интервјуто со Каневче за Супер радио и OhridPress.

Супер радио: Концертот е утревечер, во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Подготвени сте, завршивте со генералната проба?

Каневче: Подготовките се 99 проценти завршени, подготвени сме, уште да помине генералната проба која е вечерва. Утре попладне имаме тонска проба на самата сцена, а концертот почнува вечерта, од 20:00 часот.

Супер радио: Не е едноставно да се организира целиот настан. Гимназијалците сами прават се’ и околу организацијата или нивно е само да се појават на сцена и да отпеат/отсвират?

Каневче: Работите околу концертот се поделени. Бендот кој ќе ги придружува изведувачите има свои задачи, изведувачите свои, друг тим работи на организациски подготвки, трет на техничка подготовка и промотивни видео материјали итн. Секој има своја задача, иако нормално најголемиот товар е врз мене, бидејќи јас треба да сум присутен и да ги координирам сите аспекти на настанот.

Супер радио: Колку ученици се ангажирани и колку песни имаат подготвено?

Каневче: Како и годините наназад, екипата е голема. Годинава во настанот се вклучени околу 100-тина ученици, а подготвивме 18 песни и две танцувачки точки.

Супер радио: Секоја година на креативен начин, преку насловот на концертот, наоѓате начин да ги поврзете сите песни кои ќе ги изведат гимназијалците. Која е тамата годинава?

Каневче: На публиката ќе и биде здодевно доколку не го менуваме концептот, темата која го движи настанот. Годинава концертот е насловен „Гимназиска Евровизија“, работевме на евровизиски песни низ годините наназад. Со малку мои сугестии, учениците генерално сами си ги одбираа песните кои ќе ги пејат.

Супер радио: На секој концерт и Вие имате своја точка. Одличен начин да им се „предаде“ на учениците лекцијата дека треба да се абавуваме и да му се радуваме на животот. Што ќе пеете одинава?

Каневче: Да, токму така, да му се радуваме на животот е моето мото. Годинава мојот настап ќе биде пеачко-танцувачки, ќе ја изведам евровизиската песна „Луди летњи плес“ на групата Фламингоси.

Супер радио: Колку чинат влезниците и за што овој пат ќе бидат наменети собраните средства од влезниците?

Каневче: Годинава собраните средства од влезниците ќе ги намениме на повеќе места. Стандардно дел ќе одат за да се помогне на учениците кои тоа им е потребно за да ја релизираат завршната екскурзија, дел ќе ги насочиме кон Здружението на глуво-неми од Охрид, но и за лицата на кои во моментов им е потребна финансиска помош за лекување. Влезниците чинат 100 денари, се пред целосно распродавање, може да се купат во гимназијата, но и во Дизајн и принт студио Inside.

Супер радио: Годинава бендот кој ќе ги продружува вокалистите е нов?

Каневче: Мене ми е интересно што непосредно неколу месеци пред настанот, учениците од бендот прв пат се „фатија“ за инструментот. Сите се почетници во некоја смисла, па од таму си го добија и името „Рукис“. Се споија многу спонтано, клавијатуристот на поранешниот бенд рече јас годинава сакам да свирам тапани, а клавијатуристот, двете гитари и басистот се тазе инструменталисти.

Супер радио: Споменавте дека ќе има и танцувачки точки на концерот?

Каневче: Да тоа се две посебни танцувачки точки. Едната е од помладите генерации, а другата стандардно од матурската точка. Инаку подготвуваме и посебни танц кореографии, скоро за секоја од точките.

Супер радио: Цела декада стоите зад овој настан, со многу љубов и ентузијазам, без никаков надоместок, сето тоа го правите волонтерски. Имате ли идеја како во иднина ќе се одвива овој веќе традиционален хуманитарен настан.

Каневче: Имам план следново лето да заокружиме една целина од досегашната 10 годишна работа. Идејата ми е на сцената на Античкиот театар, на крајот од јули 2020-та година, да направиме настан кој ќе ги поврзе сите овие генерации кои изминативе 10 години биле дел од него. Плановите ни се тоа да биде организациски на високо ниво, а прибраните средства од влезниците планираме да отвориме еден хуманитарен фонд, кој во иднина ќе се полни од вакви настани, а средствата да се насочуваат онаму каде во тој момент е најпотребно.

Eмисијата Radio Corner се емитува секој работен ден од 12:00 до 14:00 во живо од Sky Corner. Водител е Александра Алексијевска. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука